5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШефицата на ММФ не ја исклучува можноста за глобална рецесија

Шефицата на ММФ не ја исклучува можноста за глобална рецесија

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, рече дека прогнозите за светската економија „значително се влошиле“ од април, додавајќи дека со оглед на зголемениот ризик, таа не може да ја исклучи глобалната рецесија во следната година.

Георгиева рече дека во наредните недели ММФ по трет пат годинава ќе ја намали прогнозата за економски раст за 2022-ра година, додавајќи дека економистите на ММФ сѐ уште ги финализираат новите бројки.

Се очекува ММФ да објави нова прогноза за 2022-ра и 2023-та година кон крајот на јули, откако во април ја намали прогнозата за раст за речиси цел процентен поен.

„Изгледите значително се влошија од нашата последна проценка во април“, рече таа, наведувајќи го проширувањето на глобалната инфлација, остриот пораст на каматните стапки, забавувањето на кинескиот економски раст и ескалацијата на санкциите поврзани со руската војна во Украина.

„Се наоѓаме во многу турбулентни води“, додаде Георгиева.

На прашањето дали може да ја исклучи можноста за глобална рецесија, таа одговори дека „опасноста сега е толку голема што не можеме да ја исклучиме“.

„Оваа година ќе биде тешка, но следната ќе биде уште потешка“, додаде таа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП