Денеска во Музејот на Народната банка свечено ќе биде отворена изложбата В/редности и вредности, којашто е кураторски обид за селекција, презентација и толкување на културното наследство, претставено на тековното издание на македонските книжни пари, од 1996 година до денес. Изложбата е организирана како дел од активностите со коишто Народната банка ја одбележува 30-годишнината на македонската монетарна самостојност и воведувањето на денарот како национално платежно средство.
Поставката, преку осум микроцелини, секоја посветена на засебна банкнота, го опишува и го толкува културно-историското наследство употребено како предлошка за создавање на нивниот дизајн. Поставката ги вклучува охридската Изида, златниот накит на лихнидските дами, виничката икона, боите на Шарената џамија, македонскиот афион, односно археолошкото, уметничкото, архитектонското и природното наследство на овдешните простори.

