Здружението на мали дистрибутери на горива во Хрватска најави затворање на бензинските пумпи откако Владата на Хрватска денеска донесе нова одлука и ги замрзна цените на горивата за уште 14 дена. Со новата одлука се фиксираат и големопродажните цени со што, според Владата, се штитат малите дистрибутери, пишуваат хрватските медиуми.
„Со денешната одлука на Владата на Хрватска, според која режимот за утврдување највисоки малопродажни цени на нафтените деривати останува ист како во претходните 14 дена, а цените на големо се фиксираат на тој начин што, со сите јавни придобивки, тие не можат да изнесуваат повеќе од крајната малопродажна цена пропишана со Правилникот за малопродажни места надвор од автопатиштата, велиме дека е неприфатливо и неодржливо за малите дистрибутери на горива“, велат дистрибутерите.

