19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнспекторите на терен, ловат трговци кои не ги намалиле цените!

Инспекторите на терен, ловат трговци кои не ги намалиле цените!

Цените растат, властите замрзнуваат маржи. Ова е единствениот начин на кој Владата во Македонија се обидува да ја зачува куповната моќ на граѓаните. И во ова „матно време“ дел од трговците се обидуваат да заработат повеќе на грбот на граѓаните. Инспекторите открија малверзации и нереално зголемување на цените по укинување на маржите на почетоков од месецов. Веќе денеска пазарната инспекција се пушти во потрага по нови не фер играчи во трговијата. Сега се проверува дали цените на основните прехранбени производи се намалени. Статистиката е страшна, од почетокот на годинава потрошувачката кошничка е поскапа за три илјади денари.

Од како Пазарниот инспекторат „улови“ триесетина трговци кои безобразно ги зголемија цените на прехранбените производи од почетокот на овој месец, од денеска инспекторите се во нова акција, проверуваат дали основните прехранбени производи на кои Владата им ги замрзна маржите се продаваат по намалени цени. Засега нема конкретни информации колку трговци ги прекршиле правилата за работа, а од инспекторатот велат дека деновиве ќе излезат со детални податоци.

Во однос на мерките кои се повторно донесени од страна на владата, експертите сметаат дека тие се безначајни и недоволни во зачувување на куповната моќ. Потребни се сериозни мерки во борбата против инфлацијата. Здравко Савески кој е долгогодишен активист и борец за социјална правда за Денар вели дека сега работите се многу полоши во однос на првичната мерка за замрзнување на маржите.

„Загрижува фактот што ниту со ребалансот не се предвидени мерки за справување со инфлацијата. Се уште не е предвидено прогресивно оданочување, во овој момент тоа е важно затоа што државата ќе се соочи со немање на финансии за помагање на најсиромашните граѓани. За жал се уште целата стратегија се темели на задолжувања на државата. Но во ситуација кога во светски рамки инфлацијата е огромен проблем не може вечно да се потпираме на тој механизам. “ вели активистот Здравко Савески.

Од Finance Think, велат дека растот на цените веќе се одразува и на обемот на потрошувачка кај граѓаните. Најголемиот дел од инфлаторниот притисок  според нив е увезен од странство.

„Во првиот квартал од 2022, инфлацијата се искачи на 7.7% на годишна основа. Овој раст на цените е скоро во целост движен од глобалните притисоци врз цените на примарните производи и енергијата, но тие се пренесоа и врз пошироката потрошувачка кошничка, особено во делот на домување и ресторанско-хотелски услуги“.  Велат од Finance Think.

Од владата велат дека одлуката за замрзнување на маржата на одредени производи со цел ограничување на растот на цените, веднаш даде резултат. Цените на основните производи се намалени за 5 до 10%. Корекција на цените се прави од денес, а ќе продолжи и во претстојните денови. Најголемо намалување се очекува кај маслото за јадење и до 10%, понатаму кај тестенините, како и на сите останати основни производи опфатени во владината одлука.

„Владата континуирано ја следи состојбата и во услови на најавени нови покачувања на цените на производите интервенираше веднаш за да го заштити стандардот на граѓаните. Заклучно со 30 септември 2022 година за леб, бел сечен на парчиња или цел, шеќер бел како и сончогледово масло за јадење, се утврдува трговска маржа во висина до 5% во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало. За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% и јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец се утврдува трговска маржа во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало.“ велат од Владата

Од Народната банка велат дека поради растот на цените на примарните производи на светските берзи и застоите во синџирите за снабдување, кои влијаат и на останатите видови производи, инфлацијата бележи нагорни движења во светски рамки. Ваквата појава е присутна и во нашата економија, каде што значителен дел од домашните потреби се задоволуваат преку увоз- ние имаме највисок степен на трговска отвореност меѓу земјите на Западен Балкан. Податоците на Централната банка се дека во периодот јануари – мај 2022 година инфлацијата во просек изнесува 9,1%, што е повисоко во однос на  последните проекции  на оваа институција.

„ Имајќи ги предвид инфлациските движења, но и движењата на девизниот пазар, Народната банка постојано ги користи сите расположливи инструменти за управување со ликвидноста и за влијание врз каматните стапки. Впрочем, интервенциите на Народната банка на девизниот пазар, во континуитет од последниот квартал минатата година па наваму, влијаат за намалување на ликвидноста, а за да се одржи нејзиното оптимално ниво се користат и останатите инструменти, како што се депозитот преку ноќ, седумдневниот депозит, репо-операциите и благајничките записи. Беше направена и нова измена кај инструментот задолжителна резерва со цел понасочено делување на процесот на евроизација, кој дополнително влијае на побарувачката на девизниот пазар. Оваа мерка е во склад и со Стратегијата за денаризација на домашната економија.“ велат од НБ

Новото замрзнување на маржите на дел од основните прехранбени производи ќе важи во 30ти септември. Инаку, за само една година кога синдикалната минимална кошница изнесувала 34.000 денари, денес истата е зголемена за 4.635, односно 12,78%.  Од јануари годинава зголемувањето на вредноста на кошничката изнесува  2 980.00 денари односно 8,32 %.

Индексот на ФАО во последните два месеца покажува надолни корекции кај светските цени на храната, но сепак воените случувања во Украина, како и состојбите кај синџирите на снабдување, носат неизвесност за натамошното движење кај инфлацијата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП