25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ ќе купува гас од Израел, но ќе го втечнува во Египет

ЕУ ќе купува гас од Израел, но ќе го втечнува во Египет

Европската унија, Египет и Израел се согласија да доставуваат повеќе природен гас за блокот како дел од нејзините напори да го намали увозот од Русија по инвазијата на Украина, пишува „Bloomberg“.

Трите земји во средата во Каиро потпишаа меморандум за разбирање, кој ќе вклучи израелски гас кој ќе се втечнува во египетските преработувачки погони пред да биде испорачан во ЕУ.

„Денес градиме историја. Ова е неверојатен момент во кој малиот Израел станува главен играч на глобалниот енергетски пазар“, рече израелската министерка за енергетика Карин Елхарар.

Нападот на Владимир Путин врз Украина наиде на меѓународна осуда, а руските купувачи на гас се обидуваат да обезбедат алтернативни испораки. ЕУ увезе околу 40% од своите испораки на гас од Русија минатата година и ќе мора да користи неколку извори на гориво, како и да го зголеми производството од обновливи извори, за да ја задоволи побарувачката.

Потпишувањето на договорот во Каиро е дел од серијата дипломатски потези на европските земји за да обезбедат обврски од производителите на гас ширум светот. Енергетскиот гигант „Eni“ е во преговори за зголемување на египетскиот проток на гас во Италија и Европа, објави во средата „Bloomberg“.

Договорот ќе ги „охрабри“ европските компании да инвестираат во гасни проекти во Израел и Египет, соопшти израелската влада. Договорот е со рок од три години и може да се продолжи на уште две.

„Исклучително сум благодарна што во моментов разговараме за овој извонреден проект – што сте подготвени да го зголемите снабдувањето со гас за ЕУ ​​преку Египет“, рече претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен во изјавата во вторникот.

Израелскиот гас моментално служи главно на локалниот пазар, како и на соседните Египет и Јордан. Израелските извозници го зголемија протокот кон Египет во оваа година, иако не е јасно колку од тој волумен подоцна се испраќа од центрите за втечнување Идку и Дамиета низ Медитеранот во Европа.

Израелската гасна индустрија процвета во последната деценија по откривањето на огромните крајбрежни полиња како Левијатан и Тамар. „Chevron“, „Shell“ и „TotalEnergies“ ќе имаат корист од меморандумот, напишаа аналитичарите на „Barclays“ во коментар во средата. Сите три компании имаат удел во проекти за гас во Израел или Египет.

Договорот, исто така, ја „подготвува сцената“ за енергетските компании да инвестираат во проектот Левијатан, кој го води „Chevron“, и да го зголемат годишниот капацитет на 21 милијарда кубни метри од 12 милијарди кубни метри, според „Barclays“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП