28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТДанска и Канада решија половина век стар спор

Данска и Канада решија половина век стар спор

Данска и Канада постигнаа начелен договор за ставање крај на речиси половина век стар спор околу ненаселениот арктички остров Ханс.

Британскиот весник Хералд пишува дека Данска и Канада постигнале договор за поделба на тој неплоден остров, кој нема минерални резерви, пренесува Анадолија.

Границата ќе се повлече преку островот Ханс од 2,6 квадратни километри, остров на воден пат помеѓу северо-западниот брег на полуавтономната данска територија Гренланд и канадскиот остров Елесмер.

„Ова испраќа јасен сигнал дека е можно да се решат граничните спорови… на прагматичен и мирен начин, каде што сите страни стануваат победници“, рече данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод.

Канада и Данска се договорија во 1973 година да создадат граница преку теснецот Нарес, на половина пат помеѓу Гренланд и Канада, но не можеа да се договорат која држава ќе има суверенитет над островот Ханс, речиси 1.100 километри јужно од Северниот пол.

Данскиот министер на Гренланд го подигна данското знаме на островот во 1984 година, закопа шише данска ракија и остави порака на која пишуваше: „Добредојдовте на данскиот остров“.

Канаѓаните потоа го истакнале своето знаме и оставиле шише канадска ракија.

Оттогаш, двете земји наизменично креваат знамиња и оставаат шишиња со различни алкохолни пијалоци на островот, кој наскоро и формално ќе биде поделен. Тоа ќе биде првата копнена граница меѓу двете земји.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП