19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОЕЦД: Прогнозата за светскиот раст за 2022 година е намалена на три...

ОЕЦД: Прогнозата за светскиот раст за 2022 година е намалена на три отсто

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) денеска ја намали прогнозата за светскиот раст на три отсто оваа година, наспроти 4,5 отсто колку што прогнозираше во декември, што, како што наведе таа, е последица на војната во Украина.

Посебно ќе бидат погодени земјите од еврозоната, кои годинава ќе забележат раст на БДП од 2,6 отсто, наспроти 4,3 отсто, колку што предвидуваше во декемвриската прогноза оваа меѓународната организација со седиште во Париз.

Светската економија се уште се намалува со војната во Украина, а постојат ризици дека економската активност ќе продолжи да се забавува, предупреди ОЕЦД во својата најнова прогноза, која предвидува скок на инфлацијата оваа година.

„Хуманитарната криза се расплетува пред нашите очи, оставајќи илјадници мртви, принудувајќи милиони бегалци да ги напуштат своите домови и се заканува на економското закрепнување кое започна по две години пандемија“, рече главниот економист на ОЕЦД, Лоран Бун во воведниот текст на прогнозата под називот „Цената на војната“.

ОЕЦД, кој обединува 38 развиени земји, очекува инфлацијата да продолжи да скока. Организацијата предвидува дека инфлацијата во земјите-членки оваа година ќе достигне 8,5 отсто, со што ќе се удвои претходната прогноза. Тоа ќе биде највисоката годишна инфлација од 1988 година.

Организацијата очекува идната година да се смират инфлаторните притисоци, но и предупредуваат дека ништо не е сигурно во овој контекст.

„Светот ќе плати висока цена за руската војна против Украина“, предупреди Бун на денешната прес-конференција, додавајќи дека светската економска криза е „директна последица на војната“.

Повеќето големи економски организации ги намалија прогнозите за глобален раст. Вчера Светска банка предвиде раст на светскиот БДП од 2,9 отсто годинава, а Меѓународниот монетарен фонд ја намали прогнозата во април и очекува раст од 3,6 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП