26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзмамите со криптовалути надминаа 1 милијарда долари во 2021-ва

Измамите со криптовалути надминаа 1 милијарда долари во 2021-ва

Повеќе од 46.000 луѓе пријавиле дека изгубиле повеќе од 1 милијарда долари во измама со криптовалути од почетокот на 2021-ва година, според извештајот на Федералната трговска комисија на САД, цитиран од „Reuters“.

Скоро половина од луѓето кои пријавиле загуби на дигитални валути велат дека измамата започнала со рекламирање, објавување или известување на социјалните мрежи, според експертите на комисијата.

Лудилото за криптовалути беше во полн ек минатата година, кога цената на биткоинот достигна рекордно високо ниво од 69.000 долари во ноември.

Во извештајот се наведуваат социјалните мрежи и криптовалутите како главна комбинација за измама. Според агенцијата, околу 575 милиони долари од сите загуби поврзани со измама со криптовалути се поврзани со лажни можности за инвестирање.

Скоро четири од секои десет долари изгубени во измама на социјалните мрежи биле поврзани со криптовалути – многу повеќе од кој било друг начин на плаќање. „Instagram“, „Facebook“, „WhatsApp“ и „Telegram“ се водечките платформи што ги користат сајбер-криминалците.

Просечната пријавена загуба за поединец е 2.600 долари, а биткоинот, тетерот и етерот се криптовалутите што луѓето најчесто ги користат за да им платат на измамниците.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП