Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска прогласи вонредна состојба во земјата поради опасност од недостиг на капацитети за производство на електрична енергија и го продолжи ослободувањето од давачки за увоз на соларни панели од Азија, соопшти Белата куќа.
„Електричната енергија е основен дел од модерниот живот кој ги снабдува домовите, компаниите и индустријата. Таа е од клучно значење за функционирањето на главните сектори на економијата, вклучувајќи ги болниците, училиштата, јавниот транспорт и одбраната. Дури и изолираните прекини на електрична енергија можат да имаат катастрофални здравствени и економски последици“, рече Бајден.

