Инфлацијата во Турција во мај скокна на највисоко ниво од 1998 година, поттикната од растот на цените на храната и енергијата, додека ултра лабавата монетарна политика придонесе за слабеење на националната валута, лирата. Потрошувачките цени се зголемија за 73,5 отсто на годишно ниво во Турција минатиот месец од 70 отсто во април, објави државната агенција за статистика, пренесе Блумберг.
Дваесет економисти во анкетата на њујоршката агенција предвидоа просечна стапка на инфлација во мај од 74,7 отсто на годишно ниво. Во споредба со април, турската инфлација порасна за речиси 3,0 отсто минатиот месец, пониска од просечните прогнози на економистите од 4,0 отсто.
Базичната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на храната и енергијата, достигна 56 отсто.
Најголеми двигатели на скокот на инфлацијата се цените на храната и енергијата, поради повисоките цени на суровините на светските пазари, што беше предизвикано од влошувањето на ситуацијата со снабдувањето и рускиот напад врз Украина. Турција е главен увозник на нафта.
Централната банка на Турција засега се воздржува од зголемување на каматните стапки откако минатата година ја намали референтната стапка за вкупно 500 базични поени. Наместо затегнување на монетарната политика, се промовира политика насочена кон зголемување на употребата на домашна валута и ставање на располагање на стопанството долгорочни инвестициски заеми, со што Турција има една од најлошите стапки на инфлација во светот, наведува Блумберг.