10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Кинеските инвеститори се заинтересирани за инвестирање во српската автомобилска индустрија, изјави потпретседателот на Стопанската комора на Србија ПКС, Раша Ристивојевиќ. Освен за енергетскиот сектор и за патната инфраструктура, кинеските инвеститори се заинтересирани и за инвестирање во српската автомобилска индустрија – рече Ристивојевиќ за РТС. Во автоиндустријата Кинезите се заинтересирани за преостанатите капацитети на Застава во Крагуевац и сметаат дека камионската програма за нив може да биде многу атрактивна, рече Ристивојевиќ, кој беше член на државната делегација која ја предводеше претседателот на Србија Томислав Николиќ, минатата недела во посета на Кина.

Стокхолм – Шведскиот производител на мебел Икеа има намера да го забави темпото на ширење на мрежата на продажни објекти во светот. – Компанијата поголемо внимание ќе посвети на квалитетот на постоечките продажни места – рече новиот извршен директор на компанијата Петер Агнефјол, во интервју за Фајненшел тајмс. Неговиот претходни на тоа место, Микаел Улсон, пред компанијата постави цел да отвара 20 до 25 продавници годишно. Според податоците на британскиот весник, оваа година се отворени само пет нови продажни објекти.

Санкт Петерсбург – Членките на БРИКС, Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, на маргините на самитот Г20 ќе ја разгледаат можноста за создавање на заеднички девизни резерви. Тоа ќе се разгледува со цел за регулирање на пазарот на девизи, најави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Членките на БРИКС ќе се состанат в четврток, при отварање на самитот на Г20 во Санкт Петерсбург и ќе го разгледаат прашањето за основање на заеднички девизни резерви за да се спречи самоволието во формирањето на курсните вредности.

Берлин – Германскиот концерн Сименс ги прекина работите на изградба на мрежа на станици за полнење на електромобили. Овој гигант се откажа од акцијата поради тоа што интересот во дадениот момент е понизок од очекуваниот, пренесе германското издание на весникот Вол Стрит Џорнал. Според претходните информации на германските медиуми, Сименс ќе го продолжи развојот на електрични мотори за автомобили и технологијата на нивното безжично полнење. Минатата година во Германија се регистрирани само 4.321 нов електромобил, а голем процент од тој број се т.н. хибриди, машини кои работат на струја и на бензин.

Берн – БДП на Швајцарија порасна за 0,5 отсто во второто тромесечје оваа година во однос на претходниот квартал, т.е. за 2,5 отсто на годишно ниво. Во соопштението на швајцарскиот Државен секретаријат за стопанство, кое го пренесе швајцарскиот весник 20минит, се наведува дека главниот позитивен импулс на стопанскиот раст во периодот април-јуни дала потрошувачката на домаќинствата која се зголемила за 0,7 отсто, а првпат за година дена инвестициите во опремата се зголемени за значајни 2,9 отсто. Развојот на трговскиот стоковен биланс имал негативен ефект на нивото на БДП, со оглед на падот на извозот и растот на увозот, пишува во соопштението и се додава дека, спротивно на тоа билансот во секторот за услуги е урамнотежен.

Мадрид – Шпанија се уште се соочува со проблем на висока стапка на невработеност, бидејќи во текот на минатиот месец во Шпанија е регистрирано дека работа добиле само 31 лице. Според податоците од извештајот на шпанското Министерство за труд, вкупниот број на регистрирани невработени лица е околу 4,7 милиони и остана непроменет. Шпанската влада истакна дека ова е шести месец по ред да е пријавено намалување на бројот на невработените, наспроти фактот дека во текот на август работа добиле само 31 лице. Шпанскиот државен секретар за вработување Енграсија Хидалго рече дека податоците за вработеноста се во согласност со останатите позитивни економски индикатори, како подобрување на конкурентноста и зголемување на кредибилитетот на економијата на таа земја.

Москва – Компанијата Гаспром во првиот квартал во 2013 година оствари приход од продажба на гас во износ од 43,9 милијарди долари и профит од 20 милијарди долари. Овие резултати ги надминаа очекувањата на аналитичарите. Забележан е раст на сите главни индикатори во Гаспром, додека европскиот пазар за гас продолжува да зајакнува, а резултатите од првото тромесечје во 2013 година, покажаа континуирана позитивна долгорочна побарувачка за рускиот природен гас. Вкупните приходи од 43,9 милијарди долари се резултат на силната побарувачка за руски гас во Европа, како и делумното враќање од 73,4 милијарди рубљи (2,2 милијарди долари) од ретроактивните одредби за цените на гас за германската енергетска компанија РВЕ.

Прага – По шест континуирани тромесечја на пад, чешкото стопанство излезе од рецесија. Имено, земјата во вториот квартал оваа година забележа раст од 0,6 отсто во однос на претходниот тромесечен период. Според ревидираните податоци на Чешкиот Завод за статистика, тоа е за 0,1 процентен поен пониско од прелиминарната проценка. На годишно ниво БДП е намален за 1,3 отсто, додека според првичните податоци паднал за 1,2 отсто. За цела година аналитичарите очекуваат пад на чешкото стопанство за 0,7 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП