Автоматските менувачи во патничките автомобили ја следат автомобилската индустрија повеќе од еден век, а сега се чини дека доаѓа крајот на мануелните менувачи.
Се разбира, во Соединетите Американски Држави, многу возачи никогаш не научиле да возат автомобили со мануелни менувачи, таму таквите менувачи се повеќе исклучок отколку правило, бидејќи автоматските менувачи се доминантни на нивните модели.
Eден од водечките производители на премиум автомобили, германски „Mercedes-Benz“ во разговор за локалните весници од Штутгарт, каде што е седиштето на гигантот од автомобилската индустрија, открива каква е судбината на рачните менувачи во патничките автомобили на „Mercedes-Benz“.
Портпаролот на „Mercedes-Benz“ за „Stuttgarter Zeitung“ и „Stuttgarter Nachrichten“ изјавил дека следната, 2023-та година, мануелните менувачи во нивните нови модели ќе останат во историјата.
„Со зголемувањето на електрификацијата, гледаме дека побарувачката на клиентите се менува кон компоненти за електрична мобилност, батерии и (делумно) електрични погонски системи“, вели портпаролот.
Според тоа, „Mercedes-Benz“ „постепено повеќе нема да нуди мануелни менувачи“.
Оваа транзиција би требало да се случи следната година, но компанијата не сакаше да каже точно кога поради конкуренцијата.
Законите на пазарот и технолошките шокови на кои е подложен автомобилот го диктираат следново: рачниот менувач во автомобилите ќе исчезне. Рачниот менувач има силна врска со моторот со внатрешно согорување со децении, но дури и пред класичните мотори најверојатно да бидат исфрлени од употреба во 2035-та година, ова е техничко решение кое прво ќе замине во историјата.