21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТМакрон: „Војната може да се прошири“

Макрон: „Војната може да се прошири“

Францускиот претседател Емануел Макрон ја повтори својата загриженост за ризикот од ширење на украинската војна во околните земји.

„Не може да се исклучи ширењето на конфликтот во соседните земји“, изјави денеска Макрон, мислејќи на „неодамнешните инциденти“ во молдавскиот регион Придњестровје, каде што веќе се стационирани руски војници и каде има експлозии, пренесува агенцијата АП.

„Франција останува особено внимателна за безбедносната ситуација во регионот“, рече францускиот претседател за време на приемот на претседателот на Молдавија, сосед на Украина.

Тој ја пофали помошта што Молдавија им ја дава на бегалците од Украина.

Таа мала прозападна поранешна советска република се соочува со прилив на бегалци од Украина. Макрон ги повика европските лидери да дадат брз прв одговор на апликацијата на Молдавија за членство во ЕУ. Молдавската претседателка Маја Санду ја поздрави „иницијативата“ на Макрон за формирање европска политичка заедница, што, според неа, ќе и овозможи на Молдавија да го „забрза“ пристапувањето во Европската унија, пренесува АФП.

„Ја поздравувам иницијативата на претседателот Макрон за формирање европска политичка заедница која ќе го поддржи и забрза нашиот процес на пристапување во ЕУ“, рече таа во изјавата со нејзиниот француски колега пред Елисејската палата.

Таа рече дека Молдавија е земја со европска историја и која несомнено ќе има европска иднина, изразувајќи ја „решителноста“ на Кишињев да стане членка на ЕУ.

Таа рече дека разбира дека тоа е долг и сложен процес, кој бара многу труд и работа, и дека Молдавија не бара да се скрати тој пат, дека е подготвена да се потруди.

Молдавија аплицираше за членство во ЕУ на 3 март, како и Грузија истиот ден, додека Украина на 28 февруари. Околу 450.000 украински бегалци влегле во Молдавија, а десетици илјади, од кои половината се деца, останале, рече Санда.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП