26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИВојната во Украина го спречи потенцијалното спојување меѓу „UniCredit“ и „Commerzbank“

Војната во Украина го спречи потенцијалното спојување меѓу „UniCredit“ и „Commerzbank“

„UniCredit“ и „Commerzbank“ беа на работ на преговори за спојување оваа година, пред војната во Украина да го запре можниот договор што може да го започне долгоочекуваниот бран на прекугранична консолидација на европските банки.

Тројца извори запознаени со ова прашање изјавија дека на почетокот на 2022-ра година, извршниот директор на „UniCredit“, Андреа Орсел планирал неформални разговори со колегата од „Commerzbank“, Манфред Ноф, за потенцијално спојување на германската филијала „HypoVereinsbank“ со италијанската банка.

Договорот ќе го создаде вториот по големина доверител во Германија со имот од 785 милијарди евра, 1.000 филијали и 48.000 вработени.

Аналитичарите долго време ја сметаат врската меѓу „UniCredit“ и „Commerzbank“ за една од најатрактивните комбинации во европското банкарство, бидејќи има релативно мало регионално преклопување меѓу заемодавците во Германија.

„HypoVereinsbank“, која го купи „UniCredit“ со седиште во Милано во 2005-та година и е попрофитабилна од нејзиниот германски конкурент, има силно присуство во Баварија и Хамбург, додека „Commerzbank“ е достапна низ цела Германија.

Договорот, кој „UniCredit“ го истражуваше во 2019-та година како алтернатива на подоцна откажаното спојување на „Commerzbank“ со „Deutsche Bank“, ќе биде првиот голем прекуграничен договор во фрагментираниот банкарски сектор во Европа.

Орсел договорил состанок на почетокот на 2022-ра година во Германија за да разговара за спојувањето со Ноф, според изворите. Сепак, пред извршните директори да разговараат за деталите, Москва ја нападна Украина.

Затоа „UniCredit“ одлучи дека треба да управува со својата изложеност кон Русија пред да направи голема работа. Банката е една од ретките западни банки со големи активности во Русија.

Орсел рече дека групата размислува да ја напушти земјата и откри дека во најлошото сценарио ќе загуби 5,3 милијарди евра. Банката веќе започна со размена на кредитни портфолија со локалните кредитори.

Изгледите за повисоки каматни стапки ги поддржаа акциите на европските кредитори пред војната, при што „Commerzbank“ една недела пред инвазијата откри дека повисоките каматни стапки во Европа ќе го зголемат нејзиниот профит за 1 милијарда евра до 2024-та година.

Сепак, загриженоста за економските последици од војната и потенцијалните нарушувања во снабдувањето со енергија на Русија доведоа до пад на цените на акциите од крајот на февруари – акциите на „UniCredit“ изгубија повеќе од една третина од нивната цена, а акциите на „Commerzbank“ паднаа за 26%.

На фрагментираната природа на европскиот банкарски пазар се гледа како на пречка за неговите доверители, кои губат терен од нивните американски конкуренти во однос на профитабилноста и уделот на пазарот.

Европските регулатори и централните банкари ги повикуваат банките да размислат за спојување за да ги подобрат економиите од обем – но досега не е постигнат прекуграничен договор, при што банките се жалат дека европските капитални барања и различните регулаторни режими ги прават спојувањата премногу исцрпувачки.

Спојувањето меѓу двете банки сè уште се смета за најверојатната голема работа делумно затоа што државата е акционер во „Commerzbank“ со 15% удел по спасувачката програма од 23 милијарди евра во 2008-ма и 2009-та година.

Од „UniCredit“ и „Commerzbank“ одбија да коментираат во врска со ова прашање.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП