18 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Allianz“ размислува за целосно повлекување од Русија

„Allianz“ размислува за целосно повлекување од Русија

Германската осигурителна компанија „Allianz“ најверојатно целосно ќе се повлече од Русија под влијание на војната во Украина. „Голема е веројатноста да ја напуштиме Русија“, изјави финансискиот директор Џулио Терзариол.

Доколку тоа се случи, осигурителната група ќе се соочи со негативен билансен ефект од 400 до 500 милиони евра, што ќе се одрази во финансиските извештаи. „Allianz“ веќе ја прекина работата во Русија во февруари, но само привремено, потсетува „Handelsblatt“.

„Досега компанијата добила само неколку тужби за војната во Украина, но не гледам ништо значајно“, рече Терзариол.

Во повеќето осигурителни единици, воените штети се исклучени од договорите. Кај осигурувањето на кредити, каде што ситуацијата е поинаква, „Allianz“ одвои околу 100 милиони евра како мерка на претпазливост. Дополнително, направени се квантитативно немерливи оштетувања на инвестициите во Русија и Украина, кои ја загубија својата вредност поради војната и санкциите.

Сепак, „Allianz“ се придржува до својата прогноза за добивката за тековната година. Оперативната добивка ќе биде меѓу 12,4 милијарди и 14,4 милијарди евра – на ниво од претходната година.

Компанијата веќе постигна нешто помалку од четвртина од таа вредност во првиот квартал: сепак, оперативната добивка од 3,2 милијарди евра е за три отсто помала од претходната година поради значително повисоките загуби од природни катастрофи. Компанијата потроши речиси 700 милиони евра за бури во Германија или поплави во Австралија – четири пати повеќе отколку во првиот квартал од 2021-ва година и повеќе од кога било во последната деценија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП