Учениците Матеја Талеска и Дино Дановиц, од СУГС „Joсип Броз Тито“, под менторство на професорката Емилија Величкова, беа наши претставници на финалето на Европскиот квиз на парите, коешто се одржа денеска преку електронска платформа. Станува збор за најголемиот европски натпревар за финансиска писменост за ученици на возраст од 13 до 15 години, којшто привлекува до милион учесници годишно од 29 европски земји. Европскиот квиз на парите е дел од иницијативите за финансиска писменост на Европската банкарска федерација, истакнувајќи ја важноста на финансиската едукација на младите. Меѓу тимовите ученици од 29-те европски земји коишто учествуваа денес на финалето на Европскиот квиз на парите, претставниците на Норвешка беа најдобри и најбрзи, втори беа од тимот на Италија, додека претставниците на Ирска го освоија третото место.
Националното финале беше организирано од страна на националните банкарски асоцијации и се одржа во март и април во 29 различни земји од Европа: Австрија, Азербејџан, Албанија, Германија, Грција, Данска, Естонија, Ирска, Исланд, Италија, Латвија, Литванија, Лихтенштајн, Малта, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Северна Македонија, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Финска, Хрватска, Чешка, Шведска и Шпанија.

