5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТ„Вашингтон пост“: Диктаторите од Заливот му станаа сојузници на Путин и перат...

„Вашингтон пост“: Диктаторите од Заливот му станаа сојузници на Путин и перат руски пари

Напорите на САД да ги спречат плановите на Путин се активно поткопани од наводните американски сојузници во Персискиот Залив, пишува аналитичарот Џош Рогин за „Вашингтон пост“.

Диктаторите што управуваат со овие нафтени држави грабаат огромни профити од продажбата на нафта додека неверојатно високите цени ја полнат касата на Путин и ги оштетуваат американската и европската економија.

Со такви пријатели кому, воопшто, му требаат непријатели? Зошто администрацијата на Бајден игра онака како што играат?

И додека Путин ја користи нафтата за уценување и казнување на Западот, кој ѝ помага на Украина, вистинскиот владетел на Саудиска Арабија, престолонаследникот Мохамед бин Салман, и престолонаследникот на ОАЕ, Мохамед бин Зајед ал-Нахјан, одбиваат да го направат единственото нешто што е во нивна моќ – да помогнат да се произведе повеќе нафта, пишува „Вашингтон пост“.

Во меѓувреме, Мохамед бин Салман ја користи украинската криза за да изврши притисок врз администрацијата на Бајден да го отфрли неговото предизборно ветување за ресетирање на односите меѓу САД и Саудиска Арабија.

Минатонеделната тајна посета на директорот на ЦИА, Вилијам Џеј Барнс, на Саудиска Арабија, која беше откриена оваа недела, е само најновата во низата примери во кои администрацијата на Бајден го моли Салман да ја затвори чешмата.

Овде се поставува очигледното прашање: Кого овие владетели од Заливот сметаат за вистински свој сојузник – САД или Русија?

„Саудиска Арабија и ОАЕ се сојузници на Русија во Персискиот Залив денес и, всушност, перат руски пари и категорично и намерно одбиваат да го зголемат производството на нафта“, рече пратеникот на Демократската партија, Том Малиновски, на форумот „Седона Мекејн“ минатата недела.

„Ова е моментот кога земјите треба да одлучат на чија страна се“.

Уште пред почетокот на украинската војна администрацијата на Бајден почна да го напушта своето предизборно ветување дека ќе заземе поцврст став против Саудијците продолжувајќи ја трговијата со оружје и испраќајќи високи функционери на состанок со Мохамед бин Салман.

Украинската криза му даде златна можност на Мухамед бин Салман.

Салман со задоволство разговара со Путин. Но, и саудискиот владетел и неговиот колега од Емиратите одбија да ја прифатат поканата на Бајден во март, иако и двете земји уживаат американска заштита.

Мохамед бин Салман чека Бајден да се сретне со него во Ријад или да го покани во Белата куќа. Бајден дава отпор бидејќи знае дека такво нешто би било јавно понижување по ветувањето дека ќе се дистанцира од саудискиот режим.

Во меѓувреме, Мохамед бин Салман јавно ги заведува републиканците. Тој му даде на зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, две милијарди долари преку приватен инвестициски фонд без транспарентност – тоа се пари што Трамп би можел да ги искористи во борбата против Бајден во 2024 година, пренесува „Новости“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП