Соединетите Американски Држави, наводно одиграа голема улога во едно од најголемите страдања на руската армија, потонувањето на крстосувачот „Москва“. Имено, САД споделија разузнавачки информации со Украина за локацијата на рускиот крстосувач непосредно пред нападот на овој воен брод.
Американски официјален претставник во четвртокот изјави дека самата Украина одлучила да го застрела и потопи еден од најдобрите бродови на руската Црноморска флота користејќи свои противбродски ракети.
Информациите им биле проследени со цел да им помогнат да се одбранат поради жестоките руски напади на украинскиот брег.
Администрацијата на Бајден ја засили размената на разузнавачки информации со Украина, заедно со испораката на оружје и ракети за да и помогне да се одбрани од руската инвазија.
Откако Владимир Путин нареди инвазија во февруари, Белата куќа се обиде да ја балансира поддршката за Украина, демократскиот сојузник, без да направи нешто што може да изгледа како директен напад на Путин. Како што напредуваше војната, Белата куќа ја засили својата воена и разузнавачка поддршка.
Официјален претставник во четвртокот рече дека Соединетите Држави не биле свесни дека Украина планира да ја нападне „Москва“ до последен момент.
По извештајот на Њујорк Тајмс за улогата на САД во поддршката на Украина во потонувањето на рускиот брод во кој загинаа многу руски војници, портпаролот на Пентагон Џон Кирби рече дека американските агенции „не обезбедуваат разузнавачки информации за локацијата на високи воени претставници на бојното поле, ниту дека учествуваат во одлуките за таргетирање на руските позиции“.
„Украина ги комбинира информациите што ние и другите партнери им ги даваме со информациите што тие ги собираат, а потоа тие сами донесуваат одлуки и преземаат свои активности“, рече Кирби.