23 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАБожиновскa: Европа не може лесно и брзо да се ослободи од рускиот...

Божиновскa: Европа не може лесно и брзо да се ослободи од рускиот гас, за тоа е потребен период на транзиција

Домашните експерти сметаат дека одлуката на Русија, да го сопре гасот за Бугарија барем за сега нема да го загрози снабдувањето на нашата држава. Велат дека Македонија е мал потрошувач на овој енергенс и за сега транзитот низ Бугарија не би требало да биде проблем.

-Сведоци сме на случувањата меѓу Русија и Европа и воведување на санкции кои постојано се зголемуваат од страна на ЕУ, но и од САД. Енергетската зависност на Европа од Русија, не може да се замени бргу, за тоа е потребен период на транзиција. Македонија, Молдавија и БиХ се земји во Европа кои целосно се зависни од рускиот гас. Моментално Русија го прекина снабдувањето кон Бугарија и Полска меѓутоа ние гасот го добиваме од Бугарија, што значи дека Бугарија е транзит земја. Ние како држава трошиме мали количини, така што не сметам дека транзитот низ Бугарија би бил стопиран. Во случај да треба да побараме алтернатива, тоа би било преку ТАП, вели за “Денар”, Сања Божиновска , консултант по енергетика.

Пред два дена во Грција беше означен стартот на реализацијата на гасниот терминал во Александрополис. На свечената церемонија присуствуваа премиерите од целиот Балкан. Сите беа  сложни дека овој проект освен што ќе обезбеди стабилно снабдување со гас и на Европа и на регионот, паралелно ќе ја намали и зависноста од руски гас. Се очекува да биде готов за помалку од 20 месеци. Експертите се надеваат дека сите рокови ќе бидат запазени.

-Економски гледано секој монопол не е добар, па и во случајот со зависноста на гас од Русија. Диверзификацијата е секогаш добра и тоа се покажа сега во овие моменти кога сме сведоци на геопполитички случувања. Овој FSRU терминал е геополитичка инвестиција која ќе ја намали зависноста од Русија. Новиот терминал ќе биде 18 километри од Александрополис пристаништето и ќе се транспортира гасот до брегот низ цевководи долги 28 километри и се очекува да биде во функција кон крајот на 2023, почеткот на 2024 година. Се надевам дека ќе бидат запазени роковите, затоа што ова ќе значи снабдување на Балканот преку терминал и помала зависност од Русија, додава Божиновска.

За државава да се поврзе и со гасниот терминал во Александрополис, но и да биде дел и од гасоводот ТАП, ќе се гради интерконектор за природен гас кон Грција. Реализацијата треба да почне кон крајот на годинава. Од наша страна овој проект ќе чини околу 60 милиони евра – дел од парите ќе бидат обезбедени преку кредит од ЕБОР. Преку него треба да се обезбеди сигурно снабдување со гас од Азербејџан и течен гас од САД и други држави.

Инаку, пред неколку дена Русија донесе одлука да го стопира гасот за Бугарија и Полска. По санкциите од Европа, Руската Федерација одлучи и гасот да се плаќа исклучиво во рубљи, а не во евро или долар. На оваа одлука некои земји се противеа, но потоа  поголем дел се сложија енергенсот да го плаќаат во руската валута. И во земјава, Народна банка одлучи да ја врати рубљата на курсна листа. Гувернерката Бежовска посочи дека повеќе нема никакви пречки, рускиот гас да се плаќа во рубљи.

Конфликтот меѓу Русија Украина  предизвика сериозни глобални проблеми. Освен што пораснаа цените на енергенсите, одредени производи и суровини се потешко се наоѓаат на пазарот.  Но, поради неизвесноста во која правец ќе се одвива овој конфликт, експертската јавност може многу тешко да предвиди, што точно  ќе се случува на глобалните пазари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар