26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗамената на руските горива не треба да доведе до нови зависности

Замената на руските горива не треба да доведе до нови зависности

Земјите од ЕУ не смеат потрагата по алтернативи за енергетските ресурси на Русија да ја претвораат во конкуренција, пишуваат поранешни високи европски функционери во писмото до актуелните лидери на заедницата.

Едноставната замена на руската нафта или природен гас може да доведе до нова зависност од земјите кои исто така не ги почитуваат европските вредности, предупредуваат 11 поранешни европски претставници во изјавата до која има пристап „Reuters“.

Меѓу потписниците на писмото се и поранешниот италијански премиер Романо Проди, кој беше на чело на ЕК на почетокот на векот, поранешниот комесар Паскал Лами и комесарката за клима Кони Хадегард од комисијата на Баросо.

Во мај се очекува Европската комисија да го претстави својот план за намалување на енергетската зависност на ЕУ, кој вклучува неколку мерки – алтернативи за снабдувањето со енергија од Русија, енергетска ефикасност и забрзување на зелената економија.

Во меѓувреме, претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен го претстави пред европратениците предлогот на Брисел за нов пакет санкции против Русија, кој вклучува ембарго за нафта.

Токму драстичното намалување на употребата на фосилни горива е начин да се намали енергетската зависност на долг рок. Климатските цели – а особено проширувањето на ветерните и соларните електрани – се во согласност со идејата за напуштање на руските извори на енергија. Дополнително, зелената трансформација ќе отвори нови работни места.

Ставот на ЕК во голема мера се совпаѓа со овие препораки. „Онаму каде што е можно да се замени гасот со обновливи извори на енергија, особено во индустријата за електрична енергија, ние мора да го сториме тоа“, рече комесарот за енергија Кадри Симсон за време на дебатата во Европскиот парламент во вторникот (3-ти мај).

Русија учествува со 40% од увозот на природен гас и 26% од увозот на нафта во ЕУ. Главниот дел од овие извори на енергија се користи за производство на електрична енергија, греење, транспорт и за потребите на индустријата. Пред една недела Москва ја прекина испораката на гас за Бугарија и Полска, кои не го исполнија барањето на „Газпром“ да ја платат суровината во рубљи.

И Германија и Австрија се обидоа да го платат гасот во евра, но „Газпром“ не прифати плаќање. Во исто време, гасната компанија не ја прекинува испораката на двете земји.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП