2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија и БиХ ја интензивираат економската соработка

Македонија и БиХ ја интензивираат економската соработка

bih

Интензивирање на економската соработка преку почеста комуникација меѓу бизнис-заедниците и поедноставување на царинските постапки во делот на фито-санитарната политика, ќе бидат клучните заложби на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и босанскиот министер за надворешна трговија и економски односи Мирко Шаровиќ.

Димовски и Шаровиќ на денешната средба во Скопје констатираа дека постои огромен простор за зголемување на трговската размена меѓу двете земји чиј годишен обем засега е 150 милиони евра.

– Сметаме дека не е доволно сторено во овој правец. Потребни се дополнителни чекори за унапредување на трговската соработка, за пласман на нашите производи во БиХ и обратно. Ќе организираме бизнис средби во соработка со коморите со цел размена на информации за потенцијалот за пласманот на земјоделско-прехранбените производи и поинтензивен маркетинг преку настап на саеми и други форми на презентација и промоција како начин за унапредување на извозот, рече министерот Димовски на заедничката прес-конференција.

Според него, акцент ќе биде ставен и на размената на искуства за евроинтеграциските процеси во земјоделскиот и руралниот сектор особено во однос на јакнење на административниот капацитет на институциите.

Шаровиќ ја нагласи потребата од реализирање заеднички иницијативи и за зголемување на соработката преку ЦЕФТА.

– Двете економии, особено земјоделството, не се меѓусебно конкурентни. Напротив, постои многу простор за зголемување на размената, напомена Шаровиќ и најави дека во претстојниот период Македонија и БиХ ќе ги усогласат документите за поедноставна размена на стоки. Воедно, додаде, ќе се работи и на отклонување на царинските бариери.

Двајцата министри ќе имаат следна средба во Сараево на состанокот на ЦЕФТА.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП