17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТ69. ден војна во Украина: САД велат дека Москва планира да ги...

69. ден војна во Украина: САД велат дека Москва планира да ги анектира Доњецк и Луганск; Зеленски за изјавата на Лавров

Европската унија подготвува нов пакет санкции, кои треба да се фокусираат на извозот на руска нафта. Лидерите на ЕУ се надеваат дека ќе постигнат договор за забрана за увоз на руска нафта на следниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, изјави вчера шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

Се очекува Европската комисија, извршното тело на Унијата, оваа недела да предложи нов пакет санкции, кои би можеле да вклучуваат забрана за увоз на руска нафта.

Тоа е мерка која би значела силен удар за финансиските приходи на режимот на Путин. Сепак, се чини дека членките на ЕУ се уште не се договориле за ембаргото на руската нафта.

Борељ рече дека се надева оти ЕУ „значително ќе го ограничи увозот на нафта“, но призна дека нема договор меѓу членките на ЕУ за ова прашање.

-Но, сигурен сум дека, барем што се однесува до увозот на нафта, ќе постигнеме договор до следниот состанок, рече Борељ.

Џонсон ќе се обрати пред украинскиот парламент

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска треба да се обрати пред украинскиот парламент преку видео врска.

Според Би-Би-Си, Џонсон ќе направи споредба меѓу украинската одбрана од руската инвазија и британската одбрана од нацистите во Втората светска војна. Ќе каже дека британскиот парламент редовно се состанувал за време на Втората светска војна, исто како што тоа го правел и украинскиот парламент за време на руската инвазија.

Украинска армија: Русија продолжува да се фокусира на воспоставување контрола врз населените места во регионот на Доњецк

Русија ги компензира значителните загуби во опрема и продолжува да се фокусира на воспоставување целосна контрола врз населбите Рубижне и Попасна во областа Доњецк, тврди украинската армија.

Украинските бранители успешно спречиле 24 руски напади, како и уништиле шест тенкови, пет артилериски системи и 22 единици борбени оклопни возила, се наведува во најновиот оперативен извештај на украинскиот Генералштаб на вооружените сили.

Зеленски за изјавата на Лавров: Русија ги заборави сите лекции од Втората светска војна

Русија ги заборави сите лекции од Втората светска војна, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето редовно ноќно видео, коментирајќи ги изјавите на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека „Адолф Хитлер имал еврејска крв“ и дека „најжестоките антисемити обично се Евреи. “

-Ваквите антисемитски изјави значат дека Русија ги заборавила сите лекции од Втората светска војна. А можеби и никогаш не ги научиле, рече Зеленски.

Изјавите на Сергеј Лавров предизвикаа жестока реакција од Израел. Шефот на дипломатијата на земјата ги нарече „непростливи и скандалозни“, додавајќи дека „Евреите не се самоубиле во Холокаустот“.

-Поради овие изјави денеска имаме голем скандал во Израел. Сепак, не слушаме извинување од Москва. Само молк. Како може да се каже такво нешто во пресрет на годишнината од победата над нацизмот? Тие зборови значи дека руските министри за надворешни работи ги обвинуваат Евреите за нацистичките злосторства. Немам зборови…, рече Зеленски.

Командант на Азов во челичарница: Ако ни снема храна, ќе ловиме птици

Руските сили „постојано“ бомбардираат цивили и украински борци затечени во фабриката за челик Азовстал во разурнатиот Мариупол, изјави заменик-командантот на Азовскиот полк во челичарницата Свјатослав Паламар.

-Не напаѓаат без престан. Тенкови, артилерија, воздушни напади на секои три до пет минути. Во челичарницата се уште има цивили, но непријателот не престанува со нападите, рече Паламар.

Околу стотина цивили беа евакуирани од челичарницата во неделата, но евакуацијата планирана за вчера не се случи. Паламар наведува дека храната и водата се при крај во фабриката за челик.

-Не можам со сигурност да ви кажам уште колку дена имаме залихи, но можам да ви кажам дека штедиме многу, и вода и храна и оружје. Сè што имаме споделуваме со цивилите, рече Паламар.

-Ако се случи најлошото и останеме без храна, ќе ловиме птици. Подготвени сме на се, рече тој.

Русија тврди дека нивните сили се на работ на челичаната и дека спроведуваат акција на „чистење чекор по чекор“. Паламар тврди дека тоа не е точно.

-Во моментов целиот погон е под наша контрола. Нашата одбрана е поставена по периметарот на челичарницата и се држиме, рече тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП