24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААмЧам Северна Македонија и АмЧам Бугарија: Креирање на погодна средина за бизнисите...

АмЧам Северна Македонија и АмЧам Бугарија: Креирање на погодна средина за бизнисите ја зајакнува соработката помеѓу двете држави

Американската Стопанска Комора во Северна Македонија и Американската Стопанска Комора во Бугарија потпишаа меморандум за соработка кој предвидува активности во насока на зајакнување на економската соработка меѓу двете земји. Во име на своите организации, документот го потпишаа Јелена Арсовска, извршен директор на АмЧам Северна Македонија и Петар Т. Иванов, извршен директор на АмЧам Бугарија.

Меморандумот за соработка кој се потпиша во Софија, предвидува дека двете организации ќе инвестираат знаење, труд и енергија за да ја промовираат трговската и инвестициската соработка меѓу бизнисите, ќе соработуваат во организирање на деловни тркалезни маси, спроведување на анализи и застапување за подобрување на инвестициската клима меѓу двете земји. Дополнително, двете американски стопански комори се согласија дека стручно ќе ги поддржуваат двете влади во нивните иницијативи поврзани со бизнисот и воведувањето на економските политики во насока на остварување на економската интеграција во регионот.

Идејата е преку мапирање на идните бизнис и инвестициски можности и давањето поддршка во реализацијата на реалниот бизнис да им се донесе уште поголема економска перспектива на двете земји. Со создавање на средина погодна за бизнисот, ќе обезбедиме поддршка за двете економии и ќе го издигнеме нашето пријателство преку позитивни примери на соработка во реалниот сектор“, рече Јелена Арсовска, извршен директор на АмЧам Северна Македонија.

Нејзиниот колега од АмЧам Бугарија, Петар Т. Иванов надополни: „Ова не е само симболичен чин на потпишување на овој Меморандум. Тоа е печат на нашата волја тесно да соработуваме со нашите пријатели во Република Северна Македонија, преку искористување на нашето деловно искуство, врски и знаење, за да го дадеме својот удел за подобрување на економската перспектива на двете земји и на регионот“.

Покрај потпишување на меморандумот, за време на посетата на Софија, Драган Давитков, претседател на бордот на директори на АмЧам Северна Македонија, учествуваше на панел дискусија „Бизнис можности со Северна Македонија“ организирана од Capital Executive Club, поддржана од АмЧам Бугарија. Фокусот на економскиот дел од панелот беше насочен кон промоција на инвестицискиот и бизнис потенцијал кој го има нашата држава, како и значењето на зајакнувањето на економските односи меѓу двете земји, како важен приоритет во идниот развој на односите помеѓу Европската Унија и Западен Балкан. Соработката помеѓу двете земји ја рефлектира и долгогодишната трговска размена со која Бугарија е позиционирана како втора најголема дестинација за извоз и увоз во и од Северна Македонија.

Дополнителни информации

За АмЧам Северна Македонија

Американската Стопанска Комора во Северна Македонија е бизнис асоцијација која претставува 130 компании со различна големина, од речиси сите економски сектори, пренесувајќи го нивниот глас за одржлива, предвидлива и компетитивна деловна средина преку застапување, организирање настани и споделување на најдобри практики. АмЧам Северна Македонија е акредитиран член на Американската Стопанска Комора во Вашингтон, САД и организација на Американски Стопански Комори  во Европа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП