Германскиот производител „Mercedes-Benz“ претстави нов модел – компактен „MPV“, кој ќе се вика „T-Class“ и е базиран на „Renault Kangoo“.
Патничкото комбе е дизајнирано специјално за љубителите на животот на отворено, на кои им треба многу простор за нивните секојдневни патувања. Првично, „T-Class“ ќе биде достапен со само 5 седишта и избор од два мотори.

„Mercedes-Benz T-Class“ ја користи платформата „Renault Kangoo“, но се разликува од својот донатор во однос на каросеријата, внатрешноста и опремата. Двата автомобили имаат идентични димензии, растојанието помеѓу двете оски е исто – 2.716 mm. Во подоцнежна фаза Германците ќе претстават модификација со 7 седишта.

Компактното комбе има лизгачки врати од двете страни. Автомобилот стандардно е достапен со петта врата, но со доплата моделот ќе добие дводелна врата која може да се фиксира на 90 степени и да се отвора под агол до 180 степени. Волуменот на багажникот на моделот е половина кубен метар, а задните седишта може да се повлечат, формирајќи рамен под.

Внатрешноста на „T-Class“ има црна вештачка кожа на седиштата, централниот потпирач за раце, контролната табла и внатрешен простор на вратите. Основната верзија го вклучува и инфозабавниот систем „MBUX“ со 7-инчен екран на допир, електрична рачна сопирачка, влез без клуч, како и 7 воздушни перничиња и повеќе системи за помош на возачот. За патниците на задните седишта се обезбедени преклопни маси во потпирачите за грб на предните седишта.

Моделот на „Mercedes“ ќе биде достапен со 1,3-литарски бензински мотор со 102 и 131 ks, како и 1,5-литарски дизел со 95 или 115 ks. Двата мотори се добро познати од другите модели и на германската марка и на „Renault“ и на „Dacia“. Тие можат да работат со 6-брзински мануелен или 7-брзински автоматски менувач.

Познато е и дека во подоцнежна фаза германскиот производител ќе претстави целосно електрична верзија на компактното комбе. Продажбата на „T-Class“ започнува во текот на летото, а цените почнуваат од 30.000 евра. За споредба, „Renault Kangoo“ чини 10.000 евра помалку од неговата основна верзија.