20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветска банка: Цените на суровините ќе останат високи до 2024-та

Светска банка: Цените на суровините ќе останат високи до 2024-та

Војната во Украина предизвика ценовен шок на пазарите на суровини, менувајќи ја трговијата, производството и потрошувачката, предупреди Светската банка, оценувајќи дека цените ќе останат високи поради овие промени до крајот на 2024-та година.

Цените на енергијата драстично се зголемија во последните две години по нафтената криза во 1973-та година, а земјоделските суровини и ѓубрива поскапеа најмногу од 2008-ма година, соопшти Светска банка во прогнозите за пазарите на суровини.

Украина и Русија се големи производители на земјоделски суровини, а гасот се користи како суровина за производство на вештачки ѓубрива, потсетуваат тие.

„Генерално, сведоци сме на најголемиот шок предизвикан од цените на суровините од 1970-тите“, рече Индермит Гил, потпретседател на Светската банка за еднаков раст, финансии и институции, додавајќи дека шокот дополнително се зголемил со ограничувањата за храна, гориво и ѓубрива.

Цените на енергијата ќе пораснат за повеќе од 50 отсто во оваа година, а потоа ќе ослабат во 2023-та и 2024-та година.

Цената на природниот гас во Европа ќе се удвои и ќе достигне рекордно ниво во 2022-ра година, а цената на јагленот ќе порасне за 80 отсто и исто така ќе достигне рекордно ниво, проценува Светска банка.

Очекуваат и рекордни цени на пченицата, номинално, по растот за повеќе од 40 отсто во оваа година, што ќе го зголеми притисокот врз економиите во развој кои најголем дел од нивната побарувачка задоволуваат со увоз, особено од Русија и Украина.

Цените на металите се очекува да пораснат за 16 отсто, а потоа да ослабат во 2023-та година, но ќе останат на покачените нивоа, предвидува Светската банка.

Во наредните години, цените на суровините ќе останат далеку над петгодишниот просек, а ако војната во Украина продолжи или ако се воведат нови санкции кон Русија, тие би можеле да флуктуираат уште повеќе и посилно отколку што се очекува во моментов, предупредуваат тие.

„Поради војната во Украина, пазарите на суровини го бележат најголемиот шок за снабдување во последните децении“, рече Ајхан Косе, директор на одделот за составување на извештајот.

„Во такво опкружување се заканува стагфлација и владите треба да ја искористат секоја можност да го стимулираат економскиот раст и да избегнат мерки кои ќе и наштетат на светската економија“, рече Гил.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП