среда, 28 септември 2022
ПочетнаЗДРАВЈЕОпасна болест која го напаѓа црниот дроб, се шири меѓу децата во...

Опасна болест која го напаѓа црниот дроб, се шири меѓу децата во Европа и САД

Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) вчера издаде предупредување до здравствените власти во кое се наведува дека во државата Алабама е забележана појава на невообичаени педијатриски случаи на хепатитис.

Досега официјално се пријавени најмалку девет вакви случаи во земјата, според ЦДЦ, а може да има повеќе низ целата земја. Се додава дека воспалението на црниот дроб кај децата било предизвикано од аденовирус, а не од инфекција со Ковид-19.

Првите такви случаи биле идентификувани во САД во октомври 2021 година во детска болница во Алабама. До ноември, пет млади пациенти претрпеле значително оштетување на црниот дроб, од кои тројца имале акутна органска инсуфициенција. На двајца пациенти им била потребна трансплантација на црн дроб. Немало смртни случаи, изјавиле надлежните.

Одделот за здравство на Алабама на 14 април соопшти дека сите заразени деца се на возраст под 10 години, објави „Business Insider“.

Слични случаи биле пријавени во Велика Британија во април, а Светската здравствена организација (СЗО) минатата недела објави дека исти такви случаи биле пријавени во Шпанија и Ирска.

Британската агенција за здравствена безбедност на 12 април објави дека потврдила 49 вакви случаи во Англија, 13 во Шкотска и останатите во Велс и Северна Ирска.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести соопшти дека повеќето случаи се однесуваат на деца на возраст од 2 до 5 години. Беше кажано дека некои деца страдаат од акутна црнодробна инсуфициенција и дека на мал број им треба трансплантација.

Експертите веруваат дека аденовирус 41, вирус кој се шири преку близок контакт и капки, е одговорен за оваа болест на црниот дроб. Аденовирусите можат да се шират и преку столицата, така што миењето на рацете е од големо значење и во овој случај, особено кај малите деца.

Децата со овој тип на хепатитис биле здрави и не биле заразени со Ковид-19, според ЦДЦ, додавајќи дека ова е невообичаено бидејќи аденовирусот 41 обично ги погодува децата со ослабен имунолошки систем.

Аденовирусот 41 често предизвикува акутен гастроентеритис кај деца со симптоми вклучувајќи дијареа, повраќање, треска и респираторни тешкотии, велат упатените.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП