24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветската банка планира нов кризен фонд од 170 милијарди долари

Светската банка планира нов кризен фонд од 170 милијарди долари

Светската банка (СБ) работи на формирање фонд за итни случаи од 170 милијарди американски долари за помош на најсиромашните земји кои се опфатени од повеќе кризи.

Ова го изјави претседателот на институцијата Дејвид Малпас, цитиран од „АФП“.

Пакетот за одговор на кризи ќе ја продолжи работата започната за време на пандемијата со Ковид-19 и ќе им помогне на земјите да се справат со зголемената инфлација, влошена од руската инвазија на Украина и „сериозниот финансиски стрес“ предизвикан од високите нивоа на долгови, рече тој.

„Ова е продолжение на одговорот за големи кризи. Високиот долг и инфлацијата „се двата големи проблеми со кои се соочува глобалниот раст“, им рече Малпас на новинарите.

„Длабоко сум загрижен за земјите во развој. Тие се соочуваат со ненадеен пораст на цените на енергијата, ѓубривата и храната“, додаде тој.

Минатата недела, кредиторот за развој со седиште во Вашингтон ја намали својата прогноза за глобален раст оваа година. ММФ се очекува да го стори истото кога ќе ги објави своите ажурирани прогнози.

Пред пролетните состаноци на ММФ и Светската банка оваа недела, Малпас рече дека 15-месечниот фонд за помош ќе трае до јуни 2023-та година и ќе се заснова на фондот за одговор од Ковид-19 од 157 милијарди американски долари, кој истекува во јуни 2021-ва година.

„Очекуваме да издвоиме околу 50 милијарди долари од оваа сума во следните три месеци“, рече тој, додавајќи дека планира да разговара за фондот со управниот одбор на банката во наредните недели.

Малпас ја повтори својата загриженост за сиромашните земји кои се соочуваат со високи нивоа на долг, истакнувајќи дека 60 отсто од земјите со ниски приходи веќе се соочуваат со тешкотии со долгот или се изложени на висок ризик.

Тој препорача подобрувања на Заедничката рамка на Г-20 усвоена минатата година, која требаше да понуди начин за реструктуирање на високите долгови, но сè уште не даде резултати.

Главната пречка е недостатокот на информации за висината на долгот што приватните компании и влади го должат на Кина и на некои други доверители.

Министрите за финансии на Г-20 ќе се сретнат во среда како дел од пролетните состаноци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП