Рускиот претседател Владимир Путин најави дека Москва ќе го пренасочи извозот на енергија на исток, и додека Европа се обидува да ја намали зависноста од руските енергенси, Путин вели дека европските нации нема да можат веднаш да се откажат од рускиот гас, но се чини дека ја отвора вратата за плаќање на гас во евра.
Русија испорачува околу 40 отсто од природниот гас на ЕУ, но западните санкции поради нападот врз Украина го погодија нејзиниот извоз на енергенси, комплицирајќи го финансирањето и логистиката на постоечкиот бизнис.
Додека ЕУ дебатира дали да воведе санкции за рускиот гас и нафта, а земјите-членки се снаоѓаат со купување енергенси ширум светот, Кремљ воспоставува поблиски врски со Кина, најголемиот светски потрошувач на енергија и другите азиски земји, пишува Euractiv.
„Таканаречените партнери од непријателските земји признаваат дека нема да можат да се справат без руските енергетски ресурси, вклучително, на пример, природниот гас“, рече Путин на владината седница минатата недела, додавајќи дека „во моментов нема рационална замена на Европа за рускиот гас“.
Путин рече дека Европа, најавувајќи прекин на испораките на енергенси од Русија, ги зголемува цените и го дестабилизира пазарот. Тој додаде дека Русија, која произведува една десетина од светската нафта и една петтина гас, ќе има потреба од нова инфраструктура за извоз во Азија.
Тој ѝ наложи на владата да претстави план до 1-ви јуни што вклучува „проширување на инфраструктурата во Африка, Латинска Америка и азиско-пацифичкиот регион.
Инкорпорирањето на овие рути во пошироката мрежа теоретски би можело да и овозможи на Русија да го префрли протокот на гас од Европа во Азија и обратно.
Русија лансираше гасоводни системи за извоз во Кина кон крајот на 2019 година, а во февруари потпиша 30-годишен договор за нов гасовод што допрва треба да се изгради.
Алудирајќи на западните санкции, Путин исто така рече дека Русија треба да го замени увозот на опрема за производство на нафта и гас.
Путин, исто така, рече дека улогата на националните валути во извозниот бизнис треба да се зголеми, поради плановите на Русија да се префрли на рубљата за снабдување со гас, главно во Европа.
Сепак, се чини дека Русија ја отвори вратата да продолжи да се плаќа во евра. Имено, таа земја доживеа нагло опаѓање на производството на нафта, нејзиниот клучен извор на приход, поради тешкотиите со плаќањето. Водечките светски трговски компании планираат веќе на 15 мај да го намалат купувањето на сурова нафта и гориво од руските државни нафтени компании, за да избегнат кршење на санкциите на ЕУ кон Русија.
Затоа, Путин, според австриската новинска агенција АПА, му рекол на австрискиот канцелар Карл Нехамер дека Австрија сепак може да плаќа руски гас во евра.
Путин рече дека „снабдувањето со гас е обезбедено, дека Русија ќе ги испорача договорените количини и дека плаќањата може да продолжат во евра“, рече Нехамер во интервју за германската новинска агенција ДПА, а пренесува АПА.
Од Европската комисија, пак, посочуваат дека треба да се почитуваат договорите во кои валута на плаќање е еврото или доларот.