26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа функционерите слабо им се штеди - Владата побара од институциите да...

На функционерите слабо им се штеди – Владата побара од институциите да се откажат од 32,7 милиони евра, а тие известија дека можат да заштедат едвај 6 милиони евра

Иако владата донесе мерки за штедење поради кризата од војната во Украина – сепак на функционерите слабо им се штеди. Беа задолжени до 21 март да го известат ресорот финансии како ќе заштедат 10 проценти од парите кои ги имаат за трошење во ставката стоки и услуги. Таа ставка во буџетот тежи 327 милиони евра – или владата побара институциите да се откажат од 32,7 милиони евра. Но до Министерството за финансии стигнале известувања дека тие едвај можат да заштедат 6 милиони евра. Министерството за финасии за „Денар“ велат уште ги обработуваат податоците, но вкупната сума на заштеди кои ги пријавиле институциите кои се обработени е 5,9 милиони евра.

„Согласно досегашните обработени податоци од доставените предлози за рационализација на трошоците, вкупните заштеди би изнесувае 363 милиони денари (5,902.439 евра). Откако ќе се обработат податоците од сите буџетски корисници ќе ја известиме јавноста за вкупните заштеди остварени со Одлуката за штедење со антикризните мерки“, информираа за „Денар“ од Министерството за финансии.

Од ресорот нема одговор колкав процент од податоците се обработени, и зошто по речиси еден месец,(рокот за доставување беше до 21 март), се уште  нема информација колку би изнесувале вкупните заштеди.

Одлуката за штедење или антикризните мерки за рационализација на трошоци во јавниот сектор беше донесена на владина седница на 15 март. Со нив сите буџетски корисници и единки корисници беа задолжени да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10% и да достават соодветен предлог за рационализација на трошоците до Министерството за финансии најдоцна до 21 март. Мерките за рационализација забрануваа и започнување на нови постапки за набавка на мебел и возила, освен за неопходните активности за работењето на институцијата по претходна согласност од Владата.

Владата ги задолжи сите буџетски корисници и правни лица основани од државата, за 50% да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користење на службените возила задолжително, но и значително да се намали бројот на членови на делегации при патувања во странство.

Јавните претпријатија и АД во државна сопственост требаше да ги намалат тековните расходи за 15% и за тоа да ја известат Владата во рок од 15 дена. За регулаторните тела, оштините, локалните јавни претпријатија и останатите установи кои се под надлежност на општините, имаше само препоака да ги следат донесените владини мерки и да преземат активности за рационализација на нивните расходи.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП