28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛагард: Војната во Украина го зголеми ризикот од дополнително забрзување на инфлацијата

Лагард: Војната во Украина го зголеми ризикот од дополнително забрзување на инфлацијата

Војната во Украина го зголемува ризикот од дополнително забрзување на инфлацијата, зајакнувајќи ја позицијата на Европската централна банка (ЕЦБ) за ставање крај на стимулациите во третиот квартал. Ова го изјави гувернерката Кристин Лагард за време на прес-конференцијата во четвртокот по состанокот на регулаторот.

Инфлацијата во еврозоната во март е веќе три пати поголема од целта на ЕЦБ од 2 отсто, главно поради растот на цените на енергијата, кои се за 45 отсто повисоки од истиот период од минатата година.

„Енергијата ќе продолжи да биде скапа на краток рок, а потоа до одреден степен ќе се врати на умерени нивоа“, рече Лагард.

Таа рече дека е неизвесно колку ќе биде одржлив порастот, со оглед на улогата на привремените пандемични ефекти и индиректните ефекти од зголемувањето на цените на енергијата.

Во исто време, конфликтот во Украина влијае на економскиот раст во Европа.

„Ризиците за растот значително се зголемија поради војната, додека ризиците од пандемијата се намалија“, рече Лагард.

Економијата на еврозоната порасна за 0,3% во последните три месеци од 2021-ва година, а растот се очекува да остане слаб во првиот квартал од 2022-ра година, главно поради антиепидемиските мерки.

Лагард објасни дека има неколку фактори кои сигнализираат слаб раст во тековниот период – еден од нив е војната во Украина, која веќе тежи врз довербата на бизнисите и домаќинствата, вклучително и поради неизвесноста предизвикана од конфликтот.

Новите рестриктивни мерки против ширењето на коронавирусот во Азија дополнително придонесуваат за проблемите со синџирот на снабдување.

Сепак, според зборовите на Лагард, силниот пазар на трудот ќе продолжи да ги поддржува приходите и потрошувачката, а „фискалната и монетарната политика остануваат најважни, особено во оваа тешка геополитичка ситуација“.

Неодамнешните податоци покажуваат дека невработеноста во еврозоната падна на рекордно ниско ниво од 6,8%, додека растот на платите и понатаму е пригушен.

Гувернерот на ЕЦБ го спомена и инструментот „NextGenerationEU“ (план за закрепнување и одржливост).

„Успешното спроведување на инвестициските и реформските планови во рамките на програмата ќе ја забрза енергијата и зелената трансформација. Ова треба да помогне во зајакнувањето на долгорочниот раст и одржливоста во еврозоната“, рече Лагард.

Кон крајот на март, Лагард предупреди дека колку подолго трае војната во Украина, толку е поголема економската цена и поголема е веројатноста дека ќе бидеме во понеповолни сценарија.

„Колку инфлацијата ќе се забрза и колку растот ќе забави, на крајот ќе зависи од тоа како ќе се развиваат конфликтот и санкциите“, рече тогаш Лагард.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП