Во времето кога дизајнот на автомобилите се повеќе зависи од економските причини, повремено ќе се појави возило кое ќе не остави без здив и ќе направи срцето да чука побрзо. Новиот концепт на компанијата „Volvo“ е еден од таквите автомобили.
Ако на првите фотографии на кои „Volvo“ најави дека „Concept Coupe“ би можел да биде нешто посебно, сега тоа ветување дефинитивно е исполнето.
Ова е првиот „Volvo“ автомобил на кој се потпишува новиот шеф на дизајн, Томас Ингенлат и очигледно компанијата не згрешила кога го ангажирала. Ова е инаку првиот од трите најавени концепти кои би требало да ја претстават можноста на новата „Scalable Product Architecture“ (SPA) платформа на овој производител.
Постарите и страсните фанови на „Volvo“ автомобилите, можеби во елегантните и динамичните линии на новиот концепт ќе го препознаат моделот „P1800“ кој се произведуваше во шеесетите години од 20-тиот век.
Како што објаснува неговиот дизајнер, инспирацијата доаѓа и заминува, но Ингенлат успеа да избегне да падне во ретро клише.
„Работата на дизајнерите во авто-индустријата бара во новите модели да го вклучуваат и наследството на компаниите. „Volvo P1800“ секако е една таква икона, но кога го погледнавме овој модел несакавме да се враќаме во минатото, туку да гледаме во иднината“, вели Ингенлат.
Покрај во дизајнот на надворешноста, свртувањето кон иднината може да се забележи и во ентериерот на ова купе. Меѓутоа и покрај футуристичкиот изглед не е тешко да се замисли дека вакво стилско решение на внатрешноста може да се примени и на евентуалниот продукциски модел. Употребата на луксузните материјали како кожата и дрвото многу убаво се вклопија во основниот дизајнерски концепт.
Не е изненадување дека централното место го завзема голем екран чувствителен на допир, сличен на оној како кај моделот „Tesla S“. Со оглед дека до голем број на функции се има пристап преку овој екран, намалена е потребата од многубројните копчиња.
Погонот на автомобилот го обезбедува „Plug-In Hybrid“ систем кој се состои од 2.0 литарски „Drive-E“ турбо-бензинец со компресор и електричен мотор. Бензинската единица ги придвижува предните, а електричната задните тркала на овој концепт.
Максималната комбинирана снага на двата мотори достигнува околу 400 ks, а вртежниот момент надминува 600 Nm.
„Volvo“ засега несакаше да ги потврди плановите за претворање на концептот во сериски модел. Тоа е сосема нормално поради тоа што „Concept Coupe“ тек ќе ја има својата премиера на саемот во Франкфурт, а потоа и турнеја на слични манифестации ширум светот.
Потоа, откога ќе се соберат впечатоците компанијата веројатно ќе ја донесе одлуката. Сепак би било навистина штета еден ваков автомобил во иднина да не го видиме по патиштата.