САД за утре најавуваат нов пакет-санкции против Русија во координација со земјите членки на Г7 и Европската Унија, изјавил претставник на администрацијата на Бајден за Си-ен-ен.
„Новите пакет-санкции ќе предизвикаат нови значителни трошоци за Русија и ќе ја турнат земјата во натамошна економска, финансиска и технолошка изолација“, рекол претставникот.
Со новите санкции ќе се забранат нови инвестиции во Русија, ќе се заострат постојните санкции кон финансиските институции и државните компании. Мерките ќе бидат насочени и против руски владини претставници и членови на нивните семејства.
„Овие мерки ќе ги деградираат клучните инструменти на руската државна моќ и ќе наметнат акутна и брза економска штета на Русија. Тие ќе ја таргетираат руската клептократија, која ја финансира и поддржува војната на Путин“, рекол претставникот, додавајќи:
„Мерките беа одредени во координација со нашите сојузници и партнерите, тие ја демонстрираат нашата решителност, но и единство, во наметнувањето невидени трошоци за Русија поради војната против Украина“.
„Веќе заклучивме дека Русија извршила воени злосторства во Украина, а информациите од Буча се чини дека покажуваат нови докази. Како што рече претседателот, ќе работиме со целиот свет за да се осигуриме дека одговорните ќе бидат изведени пред правдата. Една од алатките за тоа се санкциите на кои интензивно работевме со нашите европски партнери“, изјавил функционерот.