10 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманија и Австрија против нови санкции за Русија

Германија и Австрија против нови санкции за Русија

Официјална Виена се противи на воведување ембарго за увоз на руски гас, а австрискиот министер за финансии Магнус Брунер денеска пред состанокот на Еврогрупата во Луксембург изјави дека Австрија целосно се согласува со Германија и го отфрла ембаргото за рускиот гас.

Претходно, германскиот министер за економија Роберт Хабек се изјасни против итно воведување ембарго за увоз на енергија од Русија.

„Санкциите се корисни само ако не влијаат на оној што ги воведува“, рече Брунер.

Тој посочи дека е неопходно да се задржи ладна глава, особено во однос на ембаргото за увоз на гас.

Брунер рече дека и Австрија, како и Германија, е многу зависна од рускиот гас.

Тој вели дека целта на среден рок е да се намали зависноста од рускиот гас, но, додава, нереално е да биде денес или утре.

Тој смета дека наместо тоа, треба да се прошири списокот на лица и организации против кои се воведуваат санкции.

Против ембаргото за увоз на руски гас се изјасни и австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг.

Тој рече дека е шокиран од фотографиите од Буча, додавајќи дека се неопходни дополнителни санкции против Русија.

„Ние работиме набрзина на понатамошниот пакет санкции, кој ќе биде усвоен оваа недела. Се уште има доволно можности за санкции надвор од ембаргото за гас“, објасни Шеленберг.

Германија нема директно да воведе ембарго за увоз на руски гас и покрај наводите за злосторства на руските сили во украинскиот град Буча, најави министерот за економија на таа земја Роберт Хабек.

Тој посочи дека Германија работи на намалување на зависноста од рускиот гас, нафта и јаглен.

Тој објасни дека Германија увезува 35 отсто нафта од Русија и дека сега зависноста е намалена на 25 отсто.

Што се однесува до гасот, зависноста е намалена од 55 на 40 проценти.

„Работиме на нови санкции со мерки кои секојдневно ќе го погодуваат Владимир Путин. На добар пат сме“, рече Хабек и изрази очекување дека санкциите ќе бидат усвоени оваа недела.

Германија смета дека плаќањата за рускиот гас треба да бидат во евра и продолжува да го анализира указот на Москва за нивно префрлање во рубља со своите партнери во ЕУ, соопшти германското Министерство за економски прашања.

„Оваа регулатива се проучува, разменуваме информации со нашите партнери во ЕУ“, изјави денеска портпаролката на германското министерство Беате Барон, пренесува ТАСС.

Таа додаде дека ставот на Берлин за тоа прашање е јасен и дека според него „валидните договори се исто толку релевантни како и пресметките во евра и долари“.

„Постојат различни толкувања на оваа уредба“, истакна германскиот функционер.

На 1 април во Русија стапи на сила декретот со кој претседателот Владимир Путин воведе плаќање на руски гас на „непријателските земји“ во рубљи.

Тие земји ќе мора да отвораат сметки во руските банки, објави претходно агенцијата РИА Новости.

„На партнерите од тие земји им предлагаме јасна и транспарентна шема. За да купат руски природен гас, треба да отворат сметки во рубљи во руските банки. Токму од овие сметки, гасот што ќе се испорачува од 1 април ќе треба да биде платен“, рече Путин.

Москва, „непријателски земји“ ги означува оние кои воведоа санкции кон Русија поради воената интервенција во Украина, наведува руската агенција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП