3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа изградба на гасоводната мрежа останаа уште седум километри

За изградба на гасоводната мрежа останаа уште седум километри

Во завршна фаза е изградбата на гасоводната мрежа низ земјава. Со почетокот на градежната сезона и состојбата на терен која сега дозволува градежните работи да се одвиваат непречено, во моментов се градат последните седум километри од преносната мрежа од гасоводниот систем. Очекувањата се дека до крајот на годинава тоа ќе биде завршено, и некои делници ќе бидат пуштени во употреба. Досега се изградени речиси 270 километри од преносната мрежа. Во текот на втората половина од годинава се очекува да се потпише и договорот за јавно приватно партнерство за финансирање изградба и одржување на дистрибутивната мрежа, и во некои општини да започне изградбата, која треба да го донесе гасот до крајните потрошувачи. 

Информациите од терен велат дека гасоводната траса од Клечовце до Неготино е целосно завршена. На потегот од Неготино до Битола останува уште еден и пол километри да се завршат, и делницата Скопје -Тетово до Гостивар остануваат уште пет километри да се завршат.

Информациите до кои дојде Денар во однос на изградбата на гасоводната мрежа се дека најголем проблем на терен се јавило во однос на експропријацијата на приватното земјиште, и тоа на парцели каде што треба да поминуваат цевките. Но надлежните велат дека сега сите проблеми се решени, дополнително – останати се градежни активности на рамен терен што дава доза на оптимизам дека работите за брзо ќе се завршат. Од Национални енергетски ресурски велат дека имале сериозни притисоци и отпор од сопствениците на земја каде минувале цевките, но постепено и со договори се решавале случаите.

Во овој период се интензивира и постапката за склучување на договорот за дистрибутивната мрежа, а целата оваа инвестиција ќе биде околу 350 милиони eвра.

„Прво ќе биде потребен период за проектирање, период за добивање одобрение за градба, но има одредени општини кои се поподготвени и дел од овие работи ги имаат направено.  И тие општини кои имаат одобренија за градба или имаат проектирано, таму многу брзо ќе почне изградбата на дистрибутивната мрежа.  Во следниот четири годишен период ќе има интензивна градба на терен во општините кои се опфатени од првата фаза за дистрибуција“, велат за Денар од Национални енергетски ресурси.

Според првичниот план една компанија ќе ја гради дистрибутивната мрежа на цела територија на државата. Обврската на приватниот партнер му е да инвестира односно да ја изгради мрежата, потоа со неа стопанисува 35 години и на крај го остава бизнисот на државата. Во следниот четири годишен периот треба да се изградат 50 отсто од планираната мрежа за дистрибуција во градските средини и 20 отсто во руралните места низ државата. Тоа значи дека 38 општини во следните неколку години  ќе бидат поврзани и ќе може да се снабдуваат со гас. Бројките велат дека во Македониаја има околу 50тина компании кои користат природен гас, а во однос на домаќинствата во Струмица и во Куманово на гас се приклучени речиси 400 објекти.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП