18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРусија настојува да ја намали доминацијата на доларот

Русија настојува да ја намали доминацијата на доларот

Светската економија беше сериозно потресена по избувнувањето на руско-украинскиот конфликт толку многу што доларот почна да се доведува во прашање како главна валута. Ова го изјави и Гита Гопинат, прв заменик генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Според неа, невидените финансиски санкции наметнати на Русија се закануваат постепено да ја намалат доминацијата на американскиот долар во светската трговија и може да доведат до фрагментација на меѓународниот монетарен систем. Гита Гопинат оцени дека сеопфатните мерки што западните земји и ги наметнаа на Русија по нападот на Украина, па дури и на руската централна банка, може да поттикнат појава на мали валутни блокови засновани на трговијата меѓу одделни групи земји.

„Доларот би останал главна глобална валута дури и во тоа опкружување, но фрагментацијата на помало ниво е сосема можна. „Веќе гледаме дека некои земји повторно преговараат за валутата во која ќе плаќаат за меѓусебната трговија“, рече таа.

Деновиве сме сведоци на вистинска тревога поради барањето на Русија непријателските земји да го платат гасот во рубљи. Тие повлекоа дополнителен потег нудејќи им на инвеститорите целосно да ги купат од нив нивните државни еврообврзници од две милијарди долари, за кои купонот истекува на 4 април. Плаќањето ќе се изврши во целост за оние кои ќе ја прифатат понудата во рубљи. Руското Министерство за финансии објави дека платило купон од 102 милиони долари на еврообврзници со рок на доспевање до 2035 година, што е трета исплата откако западните санкции ја доведуваат во прашање способноста на Москва да го сервисира својот девизен долг. Каква намера сакаат да постигнат руските финансиски власти со овие потези и дали можат да го загрозат американскиот долар како основно платежно средство во светската трговија?

„Фајненшл тајмс“ наведува дека Русија со години се обидува да ја намали зависноста од доларот и дека кампањата сериозно е забрзана откако САД воведоа санкции како одмазда за припојувањето на Крим кон Русија во 2014 година. И покрај овие напори, Русија сè уште имаше околу една петтина од своите девизни резерви во средства деноминирани во долари непосредно пред почетокот на воената операција во Украина, држејќи значителен дел од тие резерви во странство – во Германија, Франција, Велика Британија и Јапонија.

Јуанот не може да го замени доларот

Учеството на американскиот долар во меѓународните резерви падна од 70 на 60 отсто во последните две децении, со зголемување на учеството на другите валути со кои се тргува, предводени од австралискиот долар. Приближно една четвртина од падот на учеството на американскиот долар може да се објасни со поголемата употреба на кинескиот јуан(ренминби). Сепак, помалку од три проценти од глобалните резерви на централната банка се деноминирани во кинеска валута, според податоците на ММФ. Пекинг беше во процес на интернационализација на ренминби пред актуелната криза и веќе е пред другите земји со воведувањето на дигиталната валута на централната банка, а Гита Гопинат смета дека јуанот најверојатно нема да го замени доларот како доминантна светска валута.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП