Досегашното искуство на деловното работење кај нас, покажува дека фирмите најчесто се соочуваат со недоволно познавање на ликвидноста на бизнис-партнерите со кои соработуваат, како и со нивното подмирување на финансиските обврски, наплатата на побарувањата и уште со ред други неизвесности.
Токму немањето увид во вистинските информации, може да доведе и до ризични зделки што го загрозуваат понатамошното работење или партнерство. За среќа, постојат начини да се дојде до точните информации и тоа преку Македонското кредитно биро. Оваа институција уште од 2008 година обезбедува информации со кои правните лица може да ја подобрат наплатата на своите побарувања. Македонското кредитно биро – МКБ управува со единствениот систем во кој се врши собирање, обработување и размена на податоци за финансиските обврски на правните и физичките лица и дава информации за задолженоста и редовноста во подмирувањето на овие обврски кои се неопходни за обработка на детални извештаи за финансиската стабилност на правните и физичките лица.

