среда, 7 декември 2022
ПочетнаЕКОНОМИЈАПаметно планирање за одржлива инфраструктура

Паметно планирање за одржлива инфраструктура

Паметни градови, имплементирање на вештачката интелигенција и сѐ поголемо внимание во однос на рамнотежата меѓу работните обврски и животот се во фокус во еден дел од светот, додека дури половина од светската популација нема пристап до основните здравствени услуги а 2,2 милијарди луѓе на планетата немаат пристап до безбедна вода за пиење. Во периодот од 2000-та до 2019-та година забележан е пораст од 74,5 проценти во бројот на природни непогоди во споредба со претходниот дваесетгодишен период кои резултираа со преку 1,2 милиони жртви и економска штета од скоро 3 трилиони долари која во најголема мера ги погоди најсиромашните држави. Глобалната пандемија со Ковид-19 донесе дополнителни предизвици во обезбедувањето на основна медицинска нега и образование, и ги зголеми ризиците за експлоатација на детски труд и родово базирано насилство.

Целите за одржлив развој кои се дел од Агендата 2030 на ООН претставуваат заеднички напор на 193 држави да се справат со овие глобални предизвици преку остварување на 169 таргети до 2030 година. Инфраструктурните проекти се во сржта на скоро сите предвидени цели, обезбедувајќи клучни услуги како што се образование, здравствена заштита и безбедност. Оттука е неопходно да се обезбеди нивно непречено функционирање и покрај можните негативни надворешни влијанија а тоа е можно единствено преку одржливи и отпорни инфраструктурни системи создадени по пат на интегрирано планирање засновано врз докази. 

Во фазата на планирање на инфраструктурните инвестиции најважните елементи се проценка на достапните средства, разбирање на капацитетот, мерење на понудата и предвидување на побарувачката. Може да се идентификуваат четири клучни чекори при утврдувањето на барањата на националната инфраструктура во наредните триесет до четириесет години: дефинирање и оценување на постојниот систем, проценка на идните потреби за инфраструктурни услуги, идентификување на стратешки алтернативи за испорака на визија за иднината на инфраструктурата и анализа на опсегот и временската рамка на алтернативните инвестиции кои се потребни со цел да се постигнат развојните цели.

Постојат софтверски алатки кои илустрираат и истражуваат како основните инфаструктурни системи функционираат заедно во сегашниот момент, но и во иднина, истовремено идентификувајќи ги ризиците и влијанието од можните пречки пред тие да се случат. Овие софтверски алатка може да покажат и како ќе функционираат инфраструктурните системи во неколку сценарија како што се пораст на населението и климатските промени, кои се предностите од инфраструктурната инвестиција во однос на потребното нејзино одржување, кои се најранливите точки во системот и колкав е повратот на инвестицијата за мерките за намалување на ризик. Со обезбедување на добри податоци, од кои се прават добри анализи, носителите на одлуки може да креираат соодветни стратегии заснована врз докази.

Предвидените инфраструктурни инвестиции во износ од 97 трилиони долари до 2040 година претставуваат значајна можност за напредок во остварувањето на Целите за одржлив развој, но и голем ризик за негативни последици доколку инфраструктурата е несоодветно испланирана. Секојдневните одлуки на чинителите вклучени во процесот на планирање и изведување на инфраструктурните проекти може да понудат решенија за некои од најголемите проблеми на денешницата и да овозможат подобар свет за идните генерации. Соодветните вештини и знаења како и координацијата  на локално, национално и меѓународно ниво меѓу професионалната фела (инженерите) се неопходни за да се оствари оваа цел, но исто толку важен е и холистичкиот, системски и интегриран пристап од страна на носителите на одлуки.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП