Објавената веста дека рускиот претседател Владимир Путин им наложил на Централната банка на Русија и Владата на Русија во рок од една недела да подготват платен механизам за наплата на испораките на природен гас во руски рубљи за земјите кои што Русија ги прогласи за „непријателски земји“, повторно направи турбуленции на пазарот на енергенси. На официјалните интернет страници на посочените јавни руски институции до моментов нема официјално соопштение за преземени активности во врска со оваа информација. Од Народната банка за Денар велат дека засега не е доставен официјален допис, ниту било какво известување поврзано со оваа објава.
„Со Одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите на Народна банка е дефинирано дека Народна банка формира средни курсеви за странските валути коишто се утврдени во Курсната листа. Средните курсеви за странските валути се користат за книговодствено искажување на побарувањата и обврските изразени во странски платежни средства согласно со прописите за сметководствено работење и за потребите на платниот биланс. Согласно точка 4 од Одлуката, средните курсеви за останатите валути од Курсната листа, освен за средниот курс на денарот во однос на еврото, се пресметуваат врз основа на дневните референтни курсеви на еврото со останатите валути, објавени од страна на Европската централна банка. Врз основа на соопштението од Европската централна банка од 2 март, 2022 година дека не е во позиција да го објавува референтниот девизен курс на руската рубља во однос на еврото поради тековно недоволниот обем на тргување и во согласност со Одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите на Народната банка на Република Северна Македонија, Народната банка на Република Северна Македонија информираше дека среден курс на денарот во однос на руската рубља е последно објавен на курсната листа со важност од 2 март 2022 година“, велат од Народната банка на Македонија.

