8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрошоците за живот во Русија се зголемија за повеќе од 14 отсто

Трошоците за живот во Русија се зголемија за повеќе од 14 отсто

Трошоците за живот во Русија се зголемени откако руската војска ја нападна Украина, покажуваат новите податоци.

Според официјалната статистика, цените на некои основни производи за домаќинството, како што е шеќерот, во последната недела скокнале за 14%.

Се очекува дека инфлацијата ќе продолжи да расте во Русија, каде што рубљата е намалена по инвазијата на Украина.

Вредноста на руската валута од почетокот на годината падна за 22%.

Руското Министерство за економија соопшти дека годишната инфлација скокнала на 14,5 отсто во неделата што заврши на 18-ти март, што е највисоко ниво од крајот на 2015-та година.

Сојузниот завод за статистика објави дека цената на шеќерот пораснала и до 37,1% во некои региони во земјата, со просечен пораст од 14%.

Најмногу поскапе шеќерот, кој често се користи за зачувување на храната или за производство на алкохол.

Втор најголем пораст е забележан кај кромидот, кој на национално ниво порасна за 13,7% и во одредени области и до 40,4%. Во меѓувреме, пелените за бебиња поскапеа за 4,4%. Цената на црниот чај поскапе за 4%, а на тоалетната хартија за 3%.

Цените се повисоки поради поевтината рубља, изјави за „ВВС“ Стивен Инес, управен партнер во „SPI Asset Management“.

„Најголем виновник е увозната инфлација. Сè што увезува Русија е експоненцијално поскапо поради поевтината рубља“, рече Инес.

САД, Европската Унија и Велика Британија исклучија голем број руски банки од западните финансиски пазари.

Тие, исто така, забранија трансакции со Централната банка на Русија, руските државни инвестициски фондови и Министерството за финансии на земјата.

Руската централна банка повеќе од двојно ја зголеми основната каматна стапка на 20% во март, во обид да го спречи намалувањето на вредноста на рубљата.

Големите западни компании се повлекоа од Русија поради војната во Украина. Други, како што е швајцарскиот прехранбен гигант „Nestle“, ги повлече популарните брендови како „KitKat“ и „Nesquik“.

Русија одговори на меѓународните санкции и се закани дека ќе ги национализира средствата на компаниите кои престанаа да работат во земјата.

Исто така, воведе санкции за американскиот претседател Џо Бајден и 12 други американски функционери.

Вчера рускиот претседател Владимир Путин објави дека земјата ќе почне да продава природен гас на „непријателските“ земји во рубљи. Овој потег има за цел да ја поддржи локалната валута.

ЕУ се потпира на Русија за 40% од природниот гас што го троши. Сепак, многу од сегашните договори се во евра и не е јасно дали Русија може да ги промени.

Изјавата на Путин ја крена рубљата на највисоко ниво во последните три недели, а руската валута подоцна се затвори на 97,7 во однос на доларот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП