10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСАД размислуваат за замрзнување на златните резерви на Русија

САД размислуваат за замрзнување на златните резерви на Русија

Американската министерка за финансии Џенет Јелен ќе се сретне со претставници на американскиот Конгрес за да разговараат за можното замрзнување на златните резерви на Русија.

Овој потег уследи откако неколку претставници поднесоа предлог-закон за забрана на руското злато, кој треба да се фокусира на способноста на Русија да ги продаде своите златни резерви за да го избегне влијанието на санкциите.

Сегашните санкции наметнати на руските функционери, централната банка, претседателот Владимир Путин и другите мерки не влијаат на руските златни резерви што Путин ги акумулира во последните години. Русија има околу 130 милијарди долари златни резерви, според претставници на американскиот Конгрес.

Банката на Русија на 28 февруари објави дека ќе продолжи да купува злато на домашниот пазар на благородни метали.

Членовите на американскиот Конгрес размислуваат за построги санкции кон Русија во време кога претседателот Џо Бајден и претставници на администрацијата се во Брисел и Варшава оваа недела, каде што ќе се обидат со клучните сојузници да спречат руската војна во Украина да ескалира во уште поголема катастрофа.

„Со нетрпение очекувам да разговарам со министерката Јелен за нашиот предлог-закон и какви дополнителни чекори може да преземе Министерството за финансии за да застане против Путин“, рече демократската сенаторка Меги Хасан.

„Не можеме да дозволиме Путин да ја искористи дупката во законот што може да му помогне да го финансира неговиот неразбирлив напад врз Украина“, рече таа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП