2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманците треба да се подготват за повисоки цени и помал раст

Германците треба да се подготват за повисоки цени и помал раст

Германците треба да се подготват за повисоки цени и послаб економски раст бидејќи руската инвазија на Украина ја нарушува трговијата и ги зголемува цените на горивото и пченицата. На ова во понеделникот предупреди германската централна банка (Бундесбанк).

Најголемата европска економија скапо плаќа за зависноста од рускиот гас, која се зголеми по избувнувањето на војната пред околу еден месец.

„Ова треба да ја намали потрошувачката и производството во енергетски интензивните индустрии“, се вели во месечниот извештај на Бундесбанк.

Банката проценува дека германската економија најверојатно стагнирала во првите три месеци од годината, а закрепнувањето во вториот квартал ќе биде послаб од очекуваното поради „предвидливата штета на надворешната трговија и зголемената неизвесност“.

Инфлацијата, која достигна највисоко ниво во последните 30 години, ќе продолжи да се забрзува.

„Цената на храната и индустриските стоки би можеле дополнително да се зголемат со падот на извозот на пченица од Украина и Русија и со новите проблеми во синџирот на снабдување“, соопшти финансиската институција.

Непосредно пред избувнувањето на војната, Бундесбанк предвиде дека германската економија би можела да западне во рецесија во првиот квартал на 2022-ра година.

Минатата недела гувернерот на Бундесбанк, Јоаким Нагел изјави дека војната во Украина веројатно нема да доведе до стагфлација во Германија, но тоа ќе го намали економскиот раст.

„Во моментов, не очекувам стагфлација, иако ефектите од војната ќе ја зголемат инфлацијата и ќе го ослабат економскиот раст“, ​​рече Нагел, кој рече дека „нема знаци“ за спирален пораст на платите и цените во земјата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП