29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПретседателот на ФЕД: Инфлацијата е превисока, ќе ги зголемиме каматните стапки

Претседателот на ФЕД: Инфлацијата е превисока, ќе ги зголемиме каматните стапки

Претседателот на американската централна банка (ФЕД), Џером Пауел изјави дека централната банка ќе преземе силни мерки против инфлацијата, која, како што вели, го загрозува инаку силното економско закрепнување. „Пазарот на трудот е многу силен, но инфлацијата е превисока“, рече Пауел во говорот пред членовите на Националната асоцијација за бизнис економија (NABE), пренесува CNBC.

Неговото обраќање доаѓа помалку од една недела откако ФЕД ја зголеми референтната каматна стапка за прв пат по повеќе од три години во обид да се справи со инфлацијата, која е на највисоко ниво во последните 40 години.

Пауел ја повтори позицијата, изразена минатата среда од Федералниот комитет за операции на отворен пазар (FOMC) по состанокот, дека зголемувањето на каматните стапки ќе продолжи се додека инфлацијата не биде под контрола. Тој додаде дека зголемувањата, доколку е потребно, може да бидат и повисоки од 0,25 отсто, како што беше одобрено на мартовската седница.

„Ќе ги преземеме сите неопходни чекори за да обезбедиме враќање на стабилноста на цените. Ако заклучиме дека е потребно поагресивно зголемување на каматните стапки на федералните фондови за повеќе од 25 базични поени, ќе го направиме тоа“, рече тој.

По обраќањето на Пауел, акциите на Волстрит паднаа на најниско ниво, додека приносите на американските државни обврзници пораснаа.

Инфлацијата во САД, мерена преку индексот на потрошувачките цени, во февруари достигна 7,9 отсто на годишно ниво, додека базичната инфлација, која ФЕД ја претпочита како важен параметар при одлучувањето за монетарната политика, изнесуваше 5,2 отсто. Целната стапка на инфлација на Федералните резерви на САД е 2,0 отсто.

Како и досега, Пауел голем дел од инфлациските притисоци ги припиша на факторите кои произлегуваат од пандемијата на Ковид, првенствено на ескалацијата на побарувачката за стоки што понудата не може да ги исполни. Тој призна дека претставници на ФЕД и многу економисти „многу потцениле“ колку долго ќе траат овие притисоци, наведуваат американските медиуми.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП