26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФедералните резерви на САД ја зголемија референтната каматна стапка

Федералните резерви на САД ја зголемија референтната каматна стапка

Федералните резерви на САД(ФЕД) ја зголемија референтната каматна стапка за да се соочат со инфлацијата, највисока во последните 40 години, и изгледите за нејзино влошување поради руската инвазија на Украина.

ФЕД одлучи да ја зголеми краткорочната каматна стапка за 0,25 процентни поени, така што таа ќе биде меѓу 0,25 и 0,50 отсто, а одлуката Комитетот за монетарна политика ја донесе речиси едногласно.

Американската централна банка соопшти дека економската активност и вработеноста продолжиле да зајакнуваат од последниот состанок на 25 и 26 јануари. Но, од банката посочија дека инфлацијата останува висока со нерамномерна понуда и побарувачка. Монетарната институција прогнозира инфлација од 4,33 отсто во 2022 година, што е речиси двојно повеќе отколку што беше прогнозирана на крајот на јануари.

По дводневниот состанок, комитетот за монетарна политика на ФЕД ги посочи ризиците од руската воена инвазија на Украина и санкциите.

„Краткорочно, инвазијата и поврзаните настани би можеле да извршат дополнителен притисок врз зголемената инфлација и негативно да влијаат на економската активност“, се вели во соопштението.

Банкарските власти предвидуваат дополнително зголемување на каматната стапка оваа година и помал пораст на бруто домашниот производ за 2022 година од претходно прогнозираните, очекувајќи таа да биде 2,8 отсто наместо 4,0 отсто како што беше претходно планирано. Во март 2020 година, ФЕД речиси ја намали својата каматна стапка на нула за да ја поддржи економијата, која тогаш се соочуваше со ширење на Ковид-19.

Сепак, во последната година американската економија беше погодена од бран на поскапувања. Претседателот на Банката на федерални резерви Џером Пауел рече дека институцијата ќе направи се што може за да ја спречи инфлацијата без истовремено да го блокира економскиот развој.

Пазарите очекуваат дека каматните стапки годинава ќе бидат покачени седум пати, со што референтната каматна стапка би се искачила на околу 1,75 отсто.

ФЕД последен пат ги зголеми каматните стапки во декември 2018 година, во екот на трговската војна со Кина. Таа одлука беше остро критикувана од тогашниот претседател Доналд Трамп.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП