19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветот се соочува со еден од најголемите енергетски шокови

Светот се соочува со еден од најголемите енергетски шокови

Руската инвазија на Украина и мерките наметнати од Западот против Москва ја изложија глобалната економија на енергетски шок од епски размери.

„Неизвесноста за тоа како ќе се реши овој конфликт е без преседан“, изјавија аналитичарите на „Goldman Sachs“ (GS), цитирани од „CNN Business“.

Настаните незапирливо се менуваат еден по друг. Во вторникот Белата куќа објави забрана за увоз на руска нафта, а Британија вети дека ќе го прекине увозот на енергетски производи од земјата до крајот на годината.

Доколку другите западни земји го следат примерот на САД „масовно“ и го забранат увозот на руска нафта, цените на суровините може да скокнат до 240 долари за барел ова лето, предупреди „Rystad Energy“ во извештајот претходно во оваа недела.

Ваквиот потег би создал „4,3 милиони барели на ден дупка на пазарот што едноставно не може брзо да се пополни од други извори“, велат од „Rystad Energy“.

„Со оглед на клучната улога на Русија во снабдувањето со енергија, глобалната економија наскоро може да се соочи со еден од најголемите енергетски шокови во историјата“, истакнуваат од „Goldman Sachs“, додавајќи дека размерите ќе бидат „потенцијално огромни“.

Најголемиот шок во снабдувањето од 1990-та година?

Кризата со Русија и Украина може да отстрани околу 3 милиони барели нафта и нафтени деривати дневно од рускиот извоз по морски пат, соопшти „Goldman Sachs“. Доколку вака продолжи, банката вели дека тоа би било петто најголемо нарушување на пазарот во период од еден месец по Втората светска војна.

Претходно, само арапското ембарго за нафта од 1973-та година, иранската револуција од 1978-ма година, иранско-ирачката војна од 1980-та година и ирачко-кувајтската војна од 1990-та година.

Проблемот е што нема лесно решение да се компензира недостатокот на руска нафта.

Дури и по ослободувањето на нафтата од резервите, зголеменото производство од земјите на ОПЕК и потенцијалното укинување на санкциите против Иран и Венецуела, според „Goldman Sachs“, глобалниот пазар на нафта ќе остане „без тампон“. Ова ќе бара „уништување на побарувачката преку повисоки цени“, предупредуваат од инвестициската банка.

Со други зборови, светот ќе биде принуден да користи помалку нафта. Ова, пак, може да и наштети на економијата ако значи помалку возење, помалку летање и пад на количеството масло што се користи за производство на производи како пластика.

„Goldman Sachs“ ја зголеми својата прогноза за цената на нафтата Брент на 135 долари за барел од 98 долари една година порано. Банката веќе очекува Брент следната година да се тргува по 115 долари за барел, во споредба со прогнозата од 105 долари претходно.

„Опсегот на можни исходи останува исклучителен со оглед на заканата од зголемените цени на нафтата за глобалната економија“, велат аналитичарите на „Goldman Sachs“.

Производството на нафта во САД се очекува значително да се зголеми како одговор на повисоките цени. Сепак, овој скок на локалното производство досега забавува, делумно поради тоа што компаниите се фокусирани на враќање на средствата кај акционерите.

„Одговорот на секторот за нафта од шкрилци на почетокот ќе продолжи да биде скромен поради техничките рокови за дупчење, сè уште претпазливите производители и тесниот услужен сектор“, велат од „Goldman Sachs“, сугерирајќи дека не треба да се потпираат на американските компании за да го спасат денот.

Производството на нафта во САД се очекува да порасне во просек до 12 милиони барели дневно оваа година, соопшти американската Администрација за енергетски информации (EIA) претходно во неделата. Ова е во согласност со претходната прогноза на „EIA“ од февруари, пред цената на нафтата да скокне на највисоките нивоа од 2008-ма година.

Сепак, „EIA“ значително ја зголеми својата прогноза за производство на нафта во САД во 2023-та година, очекувајќи просечни 13 милиони барели дневно во споредба со претходно проектираните 12,6 милиони. Годишниот рекорд за производство на нафта во САД е од 2019-та година, кога земјата просечно произведуваше 12,3 милиони барели дневно.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП