Министерот за поморство, транспорт и инфраструктура Синиша Хајдаш Дончиќ во текот на посетата на Индонезија се сретна со челниците на компанијата „Garuda“ кои го потврдија интересот за стратешко партнерство и соработка со „Croatia Airlines“, соопштија од Министерството за поморство, транспорт и инфраструктура на својата веб страница.
Челниците на „Garuda“ ги претставиле своите развојни планови, нагласувајќи го интересот за ширење на европскиот пазар, се вели во соопштението.
Вооедно, се пренесуваат и зборовите на претседателот на управата на „Garuda“ Емирсуа Сатар според кој Хрватска и „Croatia Airlines“ се еден од логичните избори за „Garuda“, со оглед на тоа дека индонезискиот пазар брзо се развива, а Индонезијците се повеќе патуваат, па логично е проширување низ средна Европа чиј простор е добро поврзан со останатите членки на Европската унија.
Како што е наведено, министерот Хајдаш Дончиќ ја претставил владината намера, во средината на октомври да распише меѓународен тендер за барање на потенцијални стратешки партнери на „Croatia Airlines“, за да се овозможи понатамошен развој на хрватскиот национален авиопревозник и негово квалитетно позиционирање на пазарите во средна и југоисточна Европа.
Министерот објаснил дека Владата ќе распише тендер во два круга – првиот за изразување на интерес, а вториот со прецизни услови за докапитализација или продажба на делот во „Croatia Airlines“ според потенцијалните сериозни понудувачи и дека на продажбата ќе бидат понудени најмногу 49 проценти од акциите.
Претседателот на управата на „Garuda“ најави дека ќе ги следи понатамошните чекори и објави на тендерот и согласно со условите ќе го разгледа учеството во повикот за искажување на интерес, се вели во соопштението.
Министерот Хајдаш Дончиќ е во официјална посета на Индонезија од 26 до 30 август.