3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТНуклеарната централа Чернобил е без струја. Кои се можните последици?

Нуклеарната централа Чернобил е без струја. Кои се можните последици?

Нуклеарната централа Чернобил е целосно исклучена од мрежата поради акциите на руските напаѓачи, соопшти системскиот оператор Укренерго.

„Поради воените дејствија на руските окупатори, нуклеарната централа Чернобил беше целосно исклучена од електричната мрежа. Нуклеарната централа нема струја. Воените акции се во тек, така што нема можност за обнова на доводите“, се вели во соопштението на Укренерго, а пренесува Интерфакс-Украина.

Украинските власти велат дека не го знаат нивото на радијација во Чернобил откако руските сили го зазеле претходно за време на инвазијата, според Скај њуз.

Украинската државна нуклеарна компанија Енергоатом ги објасни можните негативни последици од прекинот на струја во нуклеарната централа.

Тие наведуваат дека во магацинот се чуваат околу 20.000 склопови потрошено гориво, кои бараат постојано ладење, што е можно само доколку има струја.

Ако нема струја, потрошеното гориво не може да се излади. Како резултат на тоа, температурата во базените ќе се зголеми, што може да доведе до зголемување на радиоактивни материи и нивно ослободување во животната средина.

Ветерот може да го пренесе радиоактивниот облак во други региони на Украина, Белорусија, Русија и Европа, наведува Енергоатом.

Понатаму, нема да има вентилација во зградата, што ќе го изложи персоналот на опасна доза на зрачење.

Не работи ниту системот за гаснење пожар, што претставува сериозна опасност во случај на пожар, на пример поради пад на проектил врз зградата.

Во моментов се водат борби, што го оневозможува извршувањето на потребните поправки и обезбедувањето напојување, наведува Енергоатом.

Оваа информација на Твитер ја сподели и Државната служба за специјални комуникации и заштита на информации на Украина.

Претходно денеска, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека повеќе нема контакт со системите за мониторинг на Чернобил.

„Во моментов никој не разбира што се случува во Чернобил и што му се заканува на регионот. Ситуацијата е крајно опасна“, соопшти агенцијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП