10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Германскиот трговски синџир Лидл моментално купува земјиште за маркети на српскиот пазар, а Србија ја оцени како земја поволна за инвестирање. – Со оглед на тоа дека во Србија кон крајот на 2010 година ја регистриравме нашата фирма, потенцираме дека се наоѓаме во фаза на експанзија и купување на земјиште за нашите маркети – изјави за Танјуг Јована Крстиќ од секретаријатот за недвижнини на Лидл во Србија.

Белград – Од спектакуларно најавеното поевтинување на храна кога Хрватска ќе влезе во Европската унија не се реализираше ама баш ништо, пишува весникот Новости. Дури обратно, бидејќи во Хрватска ова лето храната поскапе толку што туристите од Европа се жалат и тврдат дека се е поскапо од кај нив, наведе весникот. Но затоа од Србија стигнува евтина пченица и брашно, што може да доведе до намалување на цената на лебот, а се очекува Хрватска наскоро од Србија да увезува и сончоглед и поголема количина на масло по многу поволни цени.

Загреб – Американската компанија Монсанто наскоро во Европската унија, а со тоа и во Хрватска, ќе може да го воведе и СмартСтакс или чудо од пченка, откако Европската комисија ќе даде одобрение. Семето на генетски модифицираната пченка СмартСтак на американскиот гигант Монсанто веќе кон крајот на оваа година може да се најде на европскиот, а со тоа и на хрватскиот пазар, пишува весникот Вечерњи лист. Портпаролот на европскиот комесар за здравство Тони Борг потврди дека Европската комисија одлуката за увоз на т.н. супер пченка отпорна на хербициди, која сама создава отрови кои ги убиваат инсектите, може да се донесе до крајот на октомври, а според пишувањето на Дојче веле, некои земји можат да ја забранат само во случај на загрозување на националната безбедност, што во случај со оваа пченка тешко може да се докаже.

Подгорица – Вкупниот црногорски извоз во првите шест месеци оваа година изнесувал само 227 милиони евра, што е 4,5 пати пониска од вредноста на увезената стока. Прелиминарните податоци покажаа дека од јануари до јуни вкупната стокова размена со странство била вредна 1,24 милијарди евра, што е пад од 2,5 отсто во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на црногорскиот завод за статистика Монстат.

Тел Авив – Грешка во пишувањето на еден израелски брокер предизвика пад на вредноста на акциите на една од најголемите компании во Израел од неверојатни 99,8 отсто. Драматичниот пад на Израел Корпорејшен, за среќа по компанијата и по брокерот, траел само неколку минути, но бил доволен да крене тревога и целосно да ја блокира берзата во Тел Авив. Акциите кои вределе 46.385 долари паднаа на 58 долари кога брокерот сакајќи да продаде поголем број на акции на една помала компанија по грешка на својот компјутер напишал кратенка за големата корпорација.

Њујорк – Вредноста на работењето на американската социјална мрежа Фејсбук на берзата Насдак надмина 100 милијарди долари. Акциите на Фејсбук во текот на тргувањето во понеделникот пораснале за 2,4 отсто во однос на вредноста на отварањето, на 41,52 долари по акција. Капитализацијата на таа социјална мрежа достигна 101,11 милијарди долари. На заклучувањето на вчерашното тргување, акциите на Фејсбук се продавале по 40,55 долари по акција, а капитализацијата била 98,75 милијарди долари.

Вашингтон – Се повеќе работодавци во светот се одлучуваат на своите работници да им понудат совршени услови, т.е. да им дозволат практично неограничен број слободни денови. Таквиот однос главно се сретнува во модерните компании од Силициумската долина, но политиката Одмарај се кога сакаш, полека се шири и надвор од ИТ индустријата. Сепак, скептиците велат дека праксата слободните денови да се трошат произволно наместо да се акумулираат и трошат како одмор, звучи добро само на хартија. Некои одат толку далеку што оценуваат дека се работи за перфидна тактика на работодавците, работниците наместо да имаат повеќе тие ќе имаат помалку одмор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП