„Morgan Super 3“ го има истиот возбудлив и авантуристички карактер како неговите претходници, но исто така е модел кој нуди најголем избор на различни конфигурации во историјата на овој производител на автомобили.
Основата на возилото е алуминиумска „монокок“ платформа, со аеродинамички обликувани надворешни панели. Оваа еволуирана верзија на механичките платформи „2020 Plus Four“ и „2019 Plus Six“ го прави возилото полесно и му дава цврстина.

Од „Morgan“ исто така тврдат дека кабината сега нуди повеќе простор за патниците.
Иако изгледа многу слично на неговиот претходник, постојат два различни пристапи.

Додека претходниот модел, „3 Wheeler“, беше создаден во стилот на три тркала со V-мотор, новиот „Super 3“ изгледа помодерно.
Најголемата промена е недостатокот на „V-twin“ мотори меѓу предните тркала. Сега го има атмосферскиот 3-цилиндричен 1,5-литарски бензинец на „Ford“. Иако перформансите на возилото сѐ уште не се објавени, од „Morgan“ се пофалија дека погонската единица е „силна и ефикасна“.

Британскиот производител објаснува дека овој мотор совршено одговара на моделот „Super 3“, како и дека е поврзан со 5-брзински менувач како што се наоѓа во „Mazda MX-5“ и е идентичен со оној што се користи во „Morgan 3 Wheeler“.
Сепак, системот за пренос претрпе неколку модификации и сега е поврзан со задното тркало со погонски појас засилен со јаглеродни влакна.

Внатрешноста исто така е целосно редизајнирана и е во склад со авантуристичкиот карактер на купувачите на вакви возила.

Внатрешноста е направена од материјали на кои водата не може да им наштети, а тркалезните мерачи на таблата со инструменти се целосно дигитализирани, додека патниците имаат достапни и „USB“ порти. „Morgan Super 3“ ќе пристигне на пазарот во ЕУ во наредните месеци, а почетната цена без даноци е 34.958 британски фунти (околу 41.600 евра).



