Дигитализацијата на услугите во банкарскиот систем носи поголема достапност и пониски провизии, а со тоа и поголема финансиска инклузија на населението. Податоците упатуваат на растечки тренд на дигитализација на банкарските услуги, кој особено дојде до израз на почетокот на пандемијата, но продолжи и во текот на 2021 година. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во емисијата „Агенда 35“, во која говореше, меѓудругото, и колку нашите банки ги следат европските трендови во услугите за населението и корпоративниот сектор.
-Присутен е тренд на поголемо насочување на банките кон потребите на нивните клиенти и тоа пред се во сферата на дигитализацијата. Тоа особено дојде до израз во текот на пандемијата, која што самата по својата природа бараше ограничување на физичкиот контакт. Така за првите три квартали минатата година, користењето на платежните картички за трансакции во трговијата порасна, по однос на вредноста за околу 16%, а по бројот на трансакциите за околу 15%, што е дури 4 пати повисок раст од бројот на трансакции за повлекување готовина. Особено се гледа значајно поместување во делот на користењето на картичките за правење на трансакции преку интернет, каде има раст од околу 40-тина проценти. – вели Ангеловска-Бежоска.

