Цените на гасот и електричната енергија ќе останат „високи и нестабилни“ најмалку до 2023-та година, се вели во долгорочните прогнози од нацрт-изјавата на Европската комисија за цените на енергијата, која ќе биде објавена во март.
Нацрт-изјавата покажува дека продолжувањето на енергетската криза ќе продолжи да ја стимулира инфлацијата и да ги зголемува трошоците на домаќинствата и бизнисите.
„Цените на енергијата продолжуваат да бидат главна грижа низ Европската унија. Високите и променливите цени на бензинот, под силно влијание на високата глобална побарувачка и растечките геополитички тензии, поттикнуваат високи цени на електричната енергија“, се наведува во нацрт-документот, пренесе „Еурактив“.
Во нацрт-извештајот се посочува дека цената на бензинот на големо пораснала за околу 400 отсто за една година, цената на струјата за 260 отсто, а цените на мало за 51, односно 30 отсто.
ЕК наведува дека високите цени на енергијата „ѝ нанесуваат штета на целата економија“ и очекува дека тие „ќе останат клучниот двигател на инфлацијата во 2022-ра година“.
Високите цени веќе ги погодија енергетските индустрии со високи производствени трошоци и веројатно ќе влијаат на порастот на производните цени во прехранбената и другите индустрии.
Германските производствени цени се зголемија за 25 отсто во јануари со најбрзо темпо од 1949-та година. Растот на трошоците за енергија се очекува да продолжи, што најверојатно ќе ја задржи инфлацијата во наредните месеци на повеќе од пет проценти.
Во својот нацрт, ЕК предлага 12 мерки кои би можеле да се преземат за да се ублажи долготрајната економска криза. Мерките вклучуваат градење капацитети за обновлива енергија, заштеда на енергија и континуирана поддршка на домаќинствата и бизнисите. ЕК, исто така, предлага законска обврска за земјите-членки на ЕУ да обезбедат минимално ниво на складирање на гас до 30-ти септември секоја година.
Високите цени на струјата веќе неколку месеци се во центарот на вниманието на јавноста, особено во Европа. Огромни варијации се забележани од првата половина на минатата година, а како што одминува зимата тие се сѐ поизразени, што ја загрозува целокупната стабилност на цените во Европа. Зголемувањето на цените може да доведе до енергетска сиромаштија.
Најсилна корелација меѓу цените на гасот и струјата има во Португалија, а најслаба во Италија. Добра околност за Португалците е што генерално не им треба зимско греење во повеќето делови од земјата. По Португалија, Шпанија има најголема зависност на цената на струјата од гас, па гасот е извор на нестабилност на шпанскиот пазар на електрична енергија.
Природниот гас во Европа сега чини 150 евра за мегават час, додека просечната цена за минатата година беше 49 евра. За време на неодамнешната посета на Вашингтон, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека еден од начините за надминување на кризата е да се забрза транзицијата од традиционални на обновливи извори на енергија.